сабота, 10 јануари 2026

Мерцедес ја освои титулата Автомобил на годината по 52 години (ФОТО)

Мерцедес бенц ЦЛА е прогласен за Автомобил на годината 2026, со што германскиот производител ја обезбеди првата победа во овој престижен избор од 1974 година. Победникот беше прогласен на Саемот за автомобили во Брисел, а ЦЛА, достапен со електричен и бензински погон, ги победи другите шест финалисти.

Објавено на

часот

Сподели

Новиот ЦЛА освои вкупно 320 поени, оставајќи го зад себе шкода елрок на второто место со 220 поени. Третото место му припадна на моделот киа ЕВ4 со 208 поени. По нив следуваа ситроен Ц5 еркрос (207 поени), фиат гранде панда (200 поени), дачија бигстер (170 поени) и рено 4 со 150 поени.

Победникот го одлучи жири составено од 59 члена од 23 земји. Секој член на жирито има на располагање 25 поени, кои мора да ги распредели на најмалку пет автомобили, при што ниту еден модел не можеше да добие повеќе од 10 поени од еден член. ЦЛА беше прв избор за дури 22 члена на жирито, додека Ц5 еркрос се најде на врвот на листата со 15 од нив.

Новиот мерцедес бенц ЦЛА ја освои титулата Автомобил на годината 2026, што претставува важен успех за марката со ѕвездата. „Европското жири го потврди она што клиентите веќе го препознаваат – ЦЛА носи исчекор во сегментот, комбинирајќи исклучителна ефикасност со напредна, интуитивна технологија“, кажа Ола Келениус, претседател на управата на Мерцедес бенц групата.

Ако се прашувате кој мерцедес славел во ова престижно натпреварување во 1974 година, тоа била луксузната лимузина 450 СЕ. Серијата модели 116 е првата генерација на луксузната класа возила на Мерцедес која го носи називот С-класа.

Претставен во септември 1972 година, тој освоил бројни награди, вклучувајќи ја и титулата „Автомобил на годината“ во 1974 година за моделот 450 СЕ. Преку подоцнежните изведби доби бројни пофалби од медиумите, па доминираа титули како „Најдобриот автомобил на светот“ и „Најбрзата лимузина на светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ