Зад нас е прилично турбулентна година кога станува збор за продажбата на нови автомобили.
Кризата околу недостигот на чипови го направи своето, па многу произведувачи на купувачите им испорачаа помалку автомобили дури и во однос на 2020, кога поради пандемијата многу погони привремено сопреа, а многу купувачи се решија да го одложат купувањето за подобри денови.
Кога станува збор за одделните модели, борбата за самиот врв во 2021 беше крајно неизвесна. За разлика од претходните неколку децении, кога фолксваген голф убедливо доминираше, сега за првото место до самиот крај на годината се бореа неколку модели.
Сепак, како што покажуваат податоците кои ги собрал Џато дајнамикс, голфот со тесен резултат ја завршил 2021 на позицијата број еден. Разликата меѓу првиот и вториот на листата е речиси 10 илјади возила, но голф во претходните години своите ривали ги оставаше и со 100-тина илјади примероци зад себе.
Гигантот од Волсфбург во 2021 испорачал на европскиот пазар 205.408 примероци од голфот, што е за 27,9 отсто помалку од 2020, а дури 50 отсто полош резултат во однос на 2019 година.
На второто место е пежо 208, кој стигнал до 196.869 купувачи, додека за влакно третиот сандеро има 196.792 примероци.
Разликите меѓу првите пет на листата никогаш не биле помали, па така четвртиот рено клио годината ја завршил со 196.243 испорачани парчиња, а петиот пежо 2008 е продаден во 194.653 примероци.
Во првите десет се и фолксваген т-рок (186.644), тојота јарис (182.590), опел/воксал корса (180.643), фиат/абарт 500 (174.739) и ситроен Ц3 (159.302).
Интересно е што најпродаваниот електричен (и американски) автомобил тесла модел 3 е на 17-тата позиција со 141.429 примероци, што е неполни 2.000 возила помалку од бестселерот на шкода, октавијата на 16 место.
Се забележува дека меѓу првите 25 го нема нисан кашкаи, кој со години назад беше беѓи најпродаваните десет автомобили во Европа, а што се однесува до германската премиум тројка, тука се само мерцедес А класа и серија 3 на БМВ, и тоа на последните две позиции.







