Германскиот автомобилски гигант верува дека традиционалните мотори нема толку брзо да заминат во историјата и дека, дури и по 2035 година, ќе останат релевантни со користење алтернативни горива.
Најновото протекување на информации од Волфсбург открива на што работи инженерскиот тим. Станува збор за револуционерен мотор без запчест ремен или ланец, а наместо тоа работата на брегастите оски и вентилите му е доверена директно на коленестото вратило.
Протечените патентни документи откриваат систем кој ја елиминира клучната компонента, ги намалува трошоците на одржувањето, а засега останува непознато дали станува збор за бензински или дизел мотор, како и дали ќе има четири или повеќе цилиндри. Запчестиот ремен или ланецот се заменети со рамни запчаници, подеднакво ефикасни за придвижување на брегастите оски и вентилите, но значително поотпорни на користењето.
Она што е особено интересно е што ваквиот пренос на силата ги продолжува интервалите на одржувањето, а потенцијални дури ги укинува. Патентот прикажува и систем за вбризгување со висок притисок, каде за директна контрола на вентилите е задолжена само една брегаста оска, наместо вообичаените две. Во моментов моторите на Фолксваген користат две брегасти оски, што би можело да значи враќање на конфигурацијата со два вентили по цилиндар наместо четири.
Дури и помошните уреди како пумпата за вода, компресорот на клима уредот и серво управувачот исто така би требало да бидат ослободени од ремени и да се придвижуваат преку запчаници.
Оваа компонента е потипична за менувачите отколку за моторите, но се одликува со долготрајност, економичност и прецизен пренос на силата.
Бучавата би можел да биде потенцијален недостаток, а конфигурацијата со два вентили по цилиндар сугерира дека перформансите на овој мотор можеби нема да бидат на врвно ниво, за да не се загрози доверливоста. Меѓутоа, во ерата на електрификацијата, се верува дека главниот дел од силата ќе доаѓа од електромоторите.
Можно е да станува збор за термички дел на хибридниот погон или генератор на електрична енергија, слично на јапонскиот е-пауер систем.
Всушност, принципот на рамните запчаници не е новина за Фолксваген. Германскиот произведувач за првпат го претстави пред 22 години во петцилиндерскиот 2,5-литарски ТДИ мотор, кој беше вградуван во првата генерација на туарег, со сила до 174 коњски сили.