По забележителниот настап на релито Дакар 2026, Дачија одлучи да го одбележи својот настап со сериски модел. Резултатот е дачија дастер духот на песокот (Spirit of Sand), ограничена серија на целосно опремен модел со погон на сите тркала кој носи шмек на луксузен дизајн, но и сериозна технологија.

Духот на песокот е базиран на врвното ниво на опрема екстрим, но додава специјални налепници по должината на долниот дел од каросеријата. Доаѓа во боја „сендстоун“, со 17-инчни црни алуминиумски тркала.
Поважно е што овој дастер добива вистинска заштитна плоча за моторот и менувачот, изработена од дуралуминиум со дебелина од 6 милиметри, цврста алуминиумска легура. Во стандардниот дастер екстрим оваа заштита е опционална, додека во верзијата Духот на песокот е дел од стандардната опрема.

Иако не изгледа толку екстремно како концептот дастер Духот на Дакар претставен во декември 2024 година, сопствениците можат дополнително да го нагласат неговиот теренски карактер. Во Романија, достапни се додатоци како што се багажник на покривот, дополнителни ЛЕД светла, гуми за сите терени БФГудрич и подигнување на суспензијата од 30 милиметри.

Нема декоративни претерувања во ентериерот, но затоа Духот на песокот доаѓа со целосен список на достапна опрема како стандард. Тие вклучуваат 10,1-инчен инфозабавен систем, автоматска клима, нагодилво седиште за возачот во повеќе насоки, греење на предните седишта и воланот, камера и сензори за паркирање.
Датсерот инспириран од пустината дури нуди и адаптивен темпомат и систем за следење на мртвите точки, и покрај добро познатата неподготвеност на Дачија целосно да ги прифати напредните АДАС системи.

Духот на песокот е опремен со новиот хибрид-Г 150 4×4 погонски склоп, кој комбинира електрифициран систем со можност за работа на две горива. Системот комбинира 1,2-литарски турбо бензински мајлд хибрид мотор со дополнителен електричен мотор на задната оска, 48-волтна батерија и шестстепен автоматски менувач со двојна спојка.

Моторот со внатрешно согорување развива 140 коњски сили и 230 њутнметри вртежен момент, додека електричниот мотор додава 30 коњски сили и 87 њутнметри. Според Дачија, вкупната моќност на системот е 154 КС, што ја прави оваа верзија најмоќниот дастер досега.
Благодарение на ефикасноста на хибридниот систем и двата резервоари од по 50 литри за бензин и течен гас, теренецот може да помине до 1.500 километри помеѓу дополнувањата.

Дачија дастер Духот на песокот ќе биде ретка појава на европските патишта бидејќи производителот планира да произведе само 500 примероци, исклучиво за романскиот пазар. Специјалната серија е достапна за нарачка преку интернет, по цена од 28.990 евра. Првите испораки се планирани за април оваа година.






