понеделник, 8 декември 2025

Брабус 1400Р сигначур едишн 2026: црн ѓавол на две тркала (ФОТОГАЛЕРИЈА)

На крајот на уште една моторџиска сезона од Брабус доаѓа мотоцикл за кој долго ќе се зборува.

Објавено на

часот

Сподели

КТМ ги преживеа најтешките моменти во својата историја, а сега, по нормализацијата на бизнисот и производството, ја затвора годината со уште една исклучителна соработка. Брабус и КТМ претставуваат нова генерација мотоцикли од она што го нарекуваат луксузен хипер нејкед сегмент, моделот брабус 1400 Р сигначур едишн.

Тоа е мотоцикл кој ги поместува границите на перформансите и дизајнот, исто како што беше случајот со неговиот претходник, моделот брабус 1300 Р. Најмоќниот мотоцикл во понудата на компанијата се нуди во ограничена серија од само 100 примероци.

Совршена комбинација на сила и елеганција

Моделот е базиран на КТМ 1390 супер дјук Р ево, а Брабус му дал препознатлив потпис – сирова моќ во комбинација со луксузен, модерен изглед. Новата карбонска каросерија вајдстар, изработена во црна боја, или „полноќна прекривка“, ја нагласува дизајнерската филозофија „црно и смело“, по која е познат култниот тјунер.

Предниот дел од мотоциклот се издвојува со карбонски браник, маска со ЛЕД светла и впечатливи дневни светла обликувани според препознатливите ленти на Брабус. Задниот спојлер ја оптимизира аеродинамиката, додека комбинацијата од карбонски елементи како што се заштита на ланецот и носачот на задното тркало дополнително го нагласуваат спортскиот карактер.

Страничните спојлери, облогата на резервоарот за гориво и долниот спојлер се исто така изработени од карбон, што ќе обезбеди „уау ефект за една секунда“, се наведува во соопштението за медиумите.

Мотор што го одзема здивот

Срцето на овој ѕвер е ЛЦ8 V-твин моторот со обем од 1350 кубни сантиметри, кој развива 190 КС и вртежен момент од 145 њутнметри. Во споредба со неговиот претходник, моќноста е зголемена за 10 КС, а вртежниот момент за 5 њутнметри. Моќноста се пренесува на задното тркало преку шестстепен менувач со квикшифтер.

Звукот на моторот е дополнително подобрен со двојниот издувен систем сместен под седиштето, а суровиот звук на моторот го нагласува спортскиот карактер на основата на КТМ. Подигнатиот заден дел открива 17-инчни тркала Брабус моноблок 2 ево „платинеста едиција“.

Иако станува збор за мотоцикл, карактеристичната рачна изработка е многу присутна тука. Седиштето е рачно тапацирано со комбинација од кожа и микрофибер, со логото на брендот втиснато во средината.

Врвна динамика

Покрај исклучителните перформанси, брабус 1400 Р се карактеризира со врвно управување. Системот за сопирање хипјур моноблок на Брембо со четириклипни клешти и брановидни дискови од 320 милиметри напред и двоклипни клешти и диск од 240 милиметри назад обезбедува совршена контрола.

Суспензијата користи ВП апекс полуактивна технологија со електронски контролирани вентили, што овозможува прилагодување на амортизацијата, од максимална удобност до поставки за подготвеност за патека. Задниот ВП апекс амортизер дополнително ја подобрува динамиката на возење.

Возачот може да избере помеѓу пет режими на работа:

STREET – полн потенцијал со контрола на тракцијата и ограничено подигнување на предното тркало,

SPORT – поостар одговор и агилност на суви патишта,

RAIN – намалена моќност и зголемена тракција за дождливи услови,

PERFORMANCE и TRACK – максимална моќност и можност за прецизно прилагодување на одговорот на гасот, тракцијата и амортизацијата за искусните возачи.

Ексклузивни додатоци

Секој брабус 1400 Р сигначур едишн се испорачува со луксузен сет додатоци: специјална навлака за внатрешно складирање на мотоциклот, Брабус тепих за изложување, кожна навлака за клучеви и кутија од карбон за чување на клучевите.

Препорачаната цена за германскиот пазар е 49.990 евра, значително над претходниот модел 1300 Р едишн 23, кој чинеше 39.500 евра.

Со овој модел Брабус јасно ги таргетира колекционерите и ентузијастите кои ја ценат уникатноста и идентитетот на марката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ