Поминаа деновите кога улиците беа преплавени со живи бои. Во 1970-тите, доминираа портокаловата, жолтата, зелената и црвената, заедно со популарните кафеави, светло сини и окер нијанси. Сепак, на почетокот на 1980-тите, започна поместување кон таканаречените автомобили без боја, а бројот на црни, бели и сиви автомобили од тогаш постојано се зголемува. Денес, повеќе од половина од автомобилите што се нудат на популарната германска платформа Мобиле доаѓаат само во тие три бои, пишува германски Ауто билд.
Трендот кон монотонија не е само прашање на мода, туку е тесно поврзан со голем дел од комерцијалните регистрации. Минатата година, во 2024 година, повеќе од две третини од сите нови патнички автомобили биле регистрирани за деловна употреба.
Лизинг компаниите и менаџерите на возни паркови играат на сигурно. Да земеме за пример портокалов модел од масовно производство, тој автомобил ќе има помала вредност за препродажба од сивиот или црниот. Тие бои носат мал ризик, додека белата, на пример, е особено барана за мали автомобили кои се извезуваат во јужна Европа и Африка.
Од друга страна, купувачите на половни автомобили имаат поголема слобода. Токму во таа доминација на неутрални тонови се крие можноста за поволно купување. Оние кои се отворени за помалку популарни бои имаат добри шанси да најдат одлична понуда. Анализата на порталот Мобиле покажала импресивни резултати: со фолксваген голф (прва регистрација од 2013 година), сребрените автомобили се 17,9 проценти под просечната цена, а со НМВ серија 3 (од 2012 година), попустот е дури 33,9 проценти. Веројатната причина за ова е големиот број прифатливи возила од возните паркови – како оние на германската армија или железниците – кои често имаат голема километража и поскромна опрема.






