понеделник, 8 декември 2025

БМВ ја шокираше конкуренцијата со Ф 450 ГС, влегува во А2 класата (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Милано овие денови беше центарот на светот на мотоциклите, а мотоцикл на БМВ е една од ѕвездите.

Објавено на

часот

Сподели

Овогодинешниот ЕИЦМА е полн со новини, а меѓу нив на многумина вниманието им го привлече новиот член на семејството ГС.

Кога БМВ го претстави концептот Ф 450 ГС минатата година, беше јасно дека наскоро ќе следи сериска верзија, што беше речиси потврдено во август кога слики од дизајнот на моделот наменет за продажба протекоа на интернет.

Сега вистинскиот мотоцикл конечно е официјално претставен на саемот ЕИЦМА во Италија, и изгледа речиси идентично со концептот кој предизвика голем интерес во светот на авантуристичките мотоцикли.

Тоа е важен мотоцикл, и за БМВ и за пазарот воопшто. Генерации на мотоцикли ГС од серијата Р со боксер мотори доминираа во класата на авантуристички мотоцикли со децении. Со текот на годините, тие се претворија во огромен комерцијален успех.

Меѓутоа, пазарот се промени во последниве години: возачите на развиените пазари сè повеќе се вртат кон помали мотори, додека купувачите во земјите со растечки стандарди се префрлаат од евтини едноцилиндерски на средно големи двоцилиндерски. И тука совршено се вклопуваат токму ваквите мотоцикли, каде што новиот Ф450 ГС ќе ја пополни очигледната празнина помеѓу Г 310 ГС и Ф 800 ГС.

Срцето на мотоциклот е сосема нов паралелен двоцилиндерски мотор од 420 кубни сантиметри, што е вообичаен распоред во оваа класа, но со исклучително добри перформанси. Моторот развива 48 коњски сили благодарение на високиот однос на компресија од 13:1 и конструкцијата со проврт од 72 милиметри и од на клипот од 51,6 милиметри. Моќноста достигнува врв на 8.750 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент од 43 њутнметри доаѓа на 6.750 вртежи во минута. Со ова, овој ГС се вклопува во пропорциите на класата А2.

БМВ сепак отстапи од стандардот во однос на интервалите на палење. Моторот користи коленесто вратило со поместување од 135 степени, што дава посебен звук и карактер на испораката на моќноста, додека вибрациите ги ублажува балансно вратило кое ротира во спротивна насока од коленестото вратило.

Моторот го исполнува стандардот ЕУ5+, троши просечно 3,8 л/100 км, а благодарение на резервоарот за гориво од 14 литри, овозможува досег од повеќе од 350 километри.

Најнапредната верзија на мотоциклот, Ф 450 ГС трофи, доаѓа со иновативен систем на спојка наречен ЕРЦ (Easy Ride Clutch). Овој систем овозможува возење без потреба рачно да се ослободи спојката при запирање или движење, а во исто време ја елиминира можноста за гасење на моторот при тргнување.

БМВ тука користи центрифугална спојка која автоматски се отпушта кога вртежите во минута ќе паднат на празен од. Верзијата трофи има и двонасочен квикшифтер про кој овозможува менување на брзини без користење на спојката. Моќта се пренесува преку шестстепен менувач и екс-ринг синџир монтиран на левата страна.

Мотоциклот од нивото ексклузив нуди четири режими на возење – дожд, пат, ендуро и ендуро про, додека основниот модел нема опција ендуро про. Секој режим ја прилагодува работата на системите АБС про и динамична контрола на тракција (двете функции се чувствителни на навалување), нивоата на моторно сопирање и контролата на подигање на предните тркала. Во режимот ендуро контролата на тракцијата и АБС на задното тркало се целосно исклучени.

Целосно нова цевчеста челична рамка со интегрираниот мотор како носечки дел обезбедува цврстина и прецизност при возењето. Напред има 43-милиметарска КИБ обратна вилушка, а на задниот дел е алуминиумска двојна задна вилушка со централен амортизер, која има прилагодување на пред-оптоварување и отскокнување и прогресивно амортизирање.

Движењето на тркалата е 180 милиметри напред и назад. Тркалата се со дијаметар од 19 инчи напред и 17 инчи назад, што му дава на мотоциклот сестраност за возење на пат и лесен терен. Првите коментари се за дијаметарот на тркалата – многумина би сакале да видат поголемо тркало напред.

Европските верзии доаѓаат со стандардни алуминиумски тркала, додека ГС трофи има жичени тркала.

Предната сопирачка се состои од четириклипна Брембо клешта со диск со дијаметар од 310 милиметри, додека на задното трокало работи Бајбре клешта со диск од 240 милиметри. Системот АБС про е стандарден.

Ергономијата на новиот Ф 450 ГС ја следи традицијата на ГС. Позицијата на седиштето, воланот и потпирачите за нозе овозможуваат исправено седење и стабилно стоење при возење надвор од патот.

Стандардно, доаѓа со дводелно седиште со висина од 845 милиметри, а дополнителната опрема на БМВ нуди и пониско седиште (830 милиметри) и рели седиште во комбинација од црна, бела и црвена боја (865 милиметри).

Кокпитот има голем 6,5-инчен ТФТ екран со можност за поврзување со паметен телефон. Трофи верзијата има сина и бела боја на каросеријата, алуминиумска заштита на моторот, штитници за раце, прилагодлива спортска суспензија, бела рамка, греени рачки и прилагодливи полуги. Менувачот и задните сопирачки може да се прилагодат за возење во стоечка или седечка положба.

Ф 450 ГС ќе биде достапен во четири верзии: основна, ексклузив, спорт и ГС трофи. Сите верзии имаат иста техничка основа, но се разликуваат во однос на нивото на удобност, опремата за теренско возење и дополнителните карактеристики како што се системот ЕРЦ, спортската суспензија или ветробранското стакло рели.

Продажбата во Европа ќе започне на пролет 2026 година. Цената во Германија почнува од 7.220 евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ