Новиот и3 го наследува своето име од револуционерниот електричен градски автомобил чие производство престана во 2022 година и е најмалото електрично возило во понудата на БМВ. Со овој потег БМВ ги престигна своите вечни ривали, кои сè уште подготвуваат одговор.
БМВ го одложи воведувањето на електрична серија 3 сè додека технологијата не овозможи перформанси споредливи со верзиите погонувани од мотори со внатрешно согорување. Заедно со и3, БМВ ќе продолжи да ја продава постоечката серија 3 со класични мотори, која е базирана на платформата КЛАР.

Таа верзија наскоро ќе биде темелно модернизирана за да одговара на дизајнот и технологијата на осмата генерација, што значи дека е „фундаментално нов автомобил“, рекоа инженерите на БМВ.
И3 ќе се нуди исклучиво во верзијата 50 иксДрајв, но се планираат и други варијанти. Во срцето на погонскиот систем е батерија од никел-манган-кобалт (НМК) од 108 киловат часови која овозможува радиус од 900 километри – најмногу од кое било електрично возило во Европа, значително надминувајќи го мерцедес-бенц и-кју-ес.

Иако користи иста батерија како и и-икс3, дострелот на и3 е подолг за 95 километри. Инженерите објаснија дека овој скок е првенствено последица на поаеродинамичниот профил на седанот.
Платформата Џен6 овозможува предните седишта да се прицврстат директно на куќиштето на батеријата, што значи дека линијата на покривот може да се спушти што е можно пониско за подобра аеродинамика. Дополнителна предност на седанот е целосно затворениот и мазен под што го подобрува протокот на воздух.

Кога батеријата е празна, и3 може да наполни доволно енергија за 400 километри возење за само 10 минути, со максимална моќност на полнење со еднонасочна струја од 400 киловати. Моќноста на полнење со наизменична струја е ограничена на 22 киловати.
Моќта ја обезбедуваат два мотора: синхрон мотор од 322 коњски сили на задната оска и асинхрон мотор од 165 коњски сили на предната. Заедно тие испорачуваат 463 КС и 645 њутнметри вртежен момент. БМВ сè уште не објави официјални податоци за забрзувањето од 0 до 100 км/ч, но се очекува да биде околу 4,0 секунди, и покрај тежината на возилото од 2,3 тони.

Иако и3 дели платформа со и-икс3, постојат значителни технички разлики. На пример, пружините на и3 се помеки, цврстината на горните носачи е намалена и е опремен со различни стабилизатори, што резултира со помало навалување на каросеријата.
„Полесно е да се постигне добро управување и удобност со и3 отколку со и-икс3“, велат инженерите, додавајќи дека побрзиот однос на управувањето и фокусот на подобрената аеродинамика при поголеми брзини го создаваат „препознатливиот карактер на новата серија 3“. И покрај разликите, и3 одржува идеална распределба на тежината од 50:50, исто како кросоверот.

Со должина од 4,76 метри, ширина од 1,87 метри и висина од 1,48 метри, и3 е поголем од моменталната серија 3 со конвенционален погон, но сепак нуди типични пропорции на седан на БМВ, со долга каросерија и кратки надвиснувања, кажа Оливер Хајлмер, шефот на дизајнот на компактните автомобили во БМВ. Клучен елемент е новиот дизајн на предниот дел, кој претставува свежа интерпретација на лицето на серија 3, кажа Хајлмер.
Дизајнот е драстично различен од моменталниот модел и ја следи истата филозофија Нова класа (Neue Klasse) како и и-икс3, спојувајќи ги фаровите и „бубрезите“ во еден елемент. Сепак, додека решетките на теренецот се високи и тесни за да ја нагласат висината на возилото, на и3 тие се пошироки за да ја нагласат неговата ширина.

Дизајнерот Феликс Стаудахер кажа дека и3 носи сосема нов дизајнерски јазик на осмата генерација на серија 3, бидејќи на тимот му е „дозволено да си игра со култни модели“. Штаудахер додаде дека овој модел поставува „репер за сосема нова генерација на БМВ“ бидејќи серија 3 е „оригиналниот репер за она што го дефинира БМВ“.
Внатрешноста е исто така целосно редизајнирана и го отсликува онаа на моделот и-икс3. Во центарот се наоѓа закривен 17,9-инчен екран чувствителен на допир кој ги контролира повеќето функции на возилото, напојуван од најновата генерација на софтверот ајдрајв на БМВ.

Класичната инструмент табла ја нема, заменета со 43,3-инчен екран „панорамски ајдрајв“. Како и онаа во и-икс3, таа се протега по целата ширина на контролната табла, веднаш под нивото на очите на возачот, и прикажува клучни информации како што се брзината и полнењето на батеријата.
Изоставувањето на контролната табла „ни даде можност да ја редефинираме архитектурата на управувањето“, а воланот нуди „најдобра ергономија“ од кој било друг модел што БМВ некогаш го имал, вели Штаудахер. Воланот е значително подебел од порано и за прв пат има тактилни контроли. Овие промени ќе се одразат и во ажурираната серија 3 со мотори со внатрешно согорување.

БМВ и3 ќе се произведува во главната фабрика во Минхен, а првите испораки се очекуваат на есен. Цените сè уште не се објавени, но БМВ соопшти дека тие ќе бидат на ниво на хибридната серија 3, а верзијата 330e почнува од 56.750 евра.






