Ауди оваа година на одличен начин влезе во празнично расположение. На инстаграм страницата на Ауди УСА објавено е кратко видео кое креативно ја реинтерпретира божиќната приказна за ирвасот Рудолф, но наместо летечки ирваси, по снегот итаат метални модели на автомобили. Снимено во технологија на стоп анимација базирана на фотографии, а крајниот резултат е исклучително симпатичен.
Видеото трае нешто повеќе од минута и половина, а се вика „Празнична игра, во стилот на Ауди“ (Holiday Play, the Audi Way). Полно со минијатурни верзии на некои од најпознатите модели на Ауди, од сериски автомобили до тркачки автомобили до саканите класици. Автомобилите се лизгаат по снежните наноси, прават снешко и едноставно уживаат во заедничката празнична веселба.
Видеото почнува со снимка одблиску на ауди кју8 како излегува од гаража. Наскоро му се придружуваат и познатите „братучеди“ како што се РС6 авант, РС3 и A6 е-трон. Вистинската празнична забава на Ауди не би била целосна без легендарните тркачки автомобили на марката, вклучувајќи го автомобилот за Дакар, оригиналниот кватро, Р10 ТДИ и многу други.
На крајот сè се спојува во една сцена, металните модели се движат кон огромна куќа од слатки, каде што гордо го поставуваат светлечкото лого на Ауди со четирите прстени. Станува збор за забавно видео дизајнирано да ги внесе љубителите на автомобили, особено на Ауди, во празничниоит дух.
Ако се прашувате, одговорот е не, видеото не е создадено со помош на вештачка интелигенција. Ауди потврди дека е снимено со вистински метални модели на автомобили и целосна продукциска екипа. Компанијата објави дури и неколку фотографии од зад сцената на кои се гледа како секоја сцена е внимателно поставена, дополнително нагласувајќи го времето и напорот вложен во оваа продукција. Со оглед на бројот на кликови, вредело.






