четврток, 24 април 2025

Американците забрзано купуваат автомобили поради царините на Трамп

Купувачите на автомобили во Соединетите Американски Држави кои се надеваат на поповолни услови можат да уживаат во кратката пауза. Иако се очекува цените на возилата да пораснат како одговор на новата царинска политика на владата на Доналд Трамп, март донесе затишје.

Објавено на

часот

Сподели

Цените на новите и на половните автомобили благо паднаа во однос на февруари, а во просек беа 1 отсто поскапи отколку во март 2024.

Тоа е привремена победа за купувачите, но не треба да се очекува долго да трае. Кога дилерите ќе ги распродадат залихите купени пред воведувањето на царините, пазарот веројатно ќе се сврти.

Податоците на компанијата Кос аутомотив покажуваат дека просечната цена на продадено ново возило во САД минатиот месец изнесувало 47.462 долари. Тоа е благ пад во однос на 47.577 долари од февруари.

Интересно е тоа што разликата во цена меѓу возилата со мотори со внатрешно согорување и електричните автомобили всушност се зголемила, иако електричните возила, барем теоретски, би требало да се приближат до ценовниот паритет.

Податоците покажуваат дека просечната продажна цена на ново електрично возило во март изнесувала 59.205 долари. Тоа е пораст од 7 отсто во однос на претходната година, и скок во однос на 57.015 долари од февруари.

Една од причините се растечките цени на возилата на Тесла, чија просечна цена е проценета на 54.582 долари – 3,5 отсто повеќе од минатата година, и 4,5 отсто повеќе во однос на февруари.

Просечните цени на трансакциите пораснале кај неколку други марки. На пример, Ленд ровер во март имал просечна цена од 107.129 долари, што е скок од 8,8 отсто во однос на февруарските 98.478 долари.

Воедно тоа е раст од 6,1 отсто во однос на минатата година.

Кај марките Линколн и Мицубиши просечните цени исто така пораснале за 4,7 отсто, односно 4,3 отсто, на 68.281 и 31.692 долари.

Неколку произведувачи забележале пониски просечни цени на трансакциите во март. На пример, кај Кадилак паднале за 5 отсто, на 74.078 долари.

Кај Јагуар паднале за 5,8 отсто, на 64.403 долари, додека кај марките Доџ и Инфинити паднале за 2,7 отсто, на 49.548 и 62.276 долари.

Податоците на Кокс аутомотив покажуваат и дека вкупната продажба на возила во март значително пораснала, иако цените и условите се главно стабилни.

Проценките кажуваат дека во САД минатиот месец се продадени 1,59 милиони нови возила. Ако тоа е точно, тоа бил најдобриот месец според обемот на продажбата во речиси четири години, односно раст од 30 отсто во однос на февруари.

Причината е едноставна. Голем број купувачи побрзале да купат ново возило пред царините да стапат на сила и да се зголемат цените на пазарот.

„Сè укажува на повисоки цени ова лето, како што постоечките залихи на возилата без царина ќе се распродаваат и ќе бидат заменети со лагери на кои се однесуваат царините“, вели Ерин Китинг, извршна аналитичарка во Кокс аутомотив.

„Колку ќе пораснат цените за потрошувачите е сè уште непознато, бидејќи секој произведувач ќе го решава тој ценовен предизвик на свој начин. Ако ставот на Белата куќа остане непроменет, нашиот тим очекува цените на новите возила погодени од царините од 25 отсто да пораснат меѓу 10 и 15 отсто“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ