Спортската европска марка на џинот Стелантис не се држи доволно добро во Европа. Алфа минатата година на европскиот пазар продаде 30 отсто помалку од бројките од 2020, и околу осмина од она што го продаваше пред 20 години.
Добрата вест е дека пазарот на мали кросовери цвета и тонале би требало многу добро да се снајде со својата модерност – ова е првиот електрифициран модел на Алфа ромео. Исто така ветува многу подобар квалитет на ентериерот отколку кај другите (поскапи) модели во понудата.
Во споредба со концептот тонале од 2019, серискиот автомобил изгледа посмирено благодарение на помалку агресивните предни и задни светла, но задржувајќи обликот на култниот модел Загато СЗ.
Во сите други аспекти ова што сега го гледаме е она што ни беше ветено пред три години, барем во однос на надворешниот дизајн.
Одоздола моделот има еволуција на постарата ФЦА платформа од џип компас, со поголемо растојание меѓу тркалата и повеќе алуминиум.
Со двете нивоа на електрификација, хибрид и плагин хибрид, тонале дебитира со хибридниот ВГТ мотор од 160 коњски сили, ексклузивен за Алфа ромео.
Седумбрзинскиот ТЦТ менувач е во комбинација со 1,5-литарски бензински мотор, а 48-волтниот електромотор со 15 киловати може да ги движи тркалата и кога моторот со внатрешно согорување е исклучен.
Алфа ромео се одлучиле за ова техничко решение за да понуди чувство на електрификација. Менувачот овозможува движење во електричен режим при мали брзини и при паркирање.
Основна верзија е хибридот со 130 коњски сили, а за врвните перформанси е задолжен плагин хибрид Кју4 моторот со 275 коњски сили, со забрзување од 0-100 км/ч за 6,2 секунди и автономија во само електричен режим до 80 километри во град и 60 километри во комбиниран циклус. Тонале има и дизел мотор, 1-6 литарски со 130 коњски сили.
[video:https://youtu.be/IEW8WbSb4-c autoplay:0]





