сабота, 5 октомври 2024

Австриски Стандард: Западот поради економските интереси замижува на случувањата во Србија

Водечките земји на Европската Унија Германија и Франција, во голема мера следејќи ја политиката на американската влада, поради своите економски интереси му угодуваат на авторитарниот режим во Србија и ги игнорираат барањата на српската опозиција, а од друга страна вршат дипломатски притисок на Косово, пишува австрискиот дневник Стандард.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во поново време тоа можеше да се види кога специјалниот претставник (на Германија) за Западен Балкан, политичарот на Зелените Мануел Сарацин најави дека Косово би можело да биде исклучено од регионалниот ЦЕФТА договор за слободна трговија, ако не ја укине забраната за увоз на роба од Србија. Според Сарацин, ЕУ би можела да го исклучи Косово од единствениот платен систем СЕПА, кој е исклучително важен за паричните дознаки од дијаспората“, пишува весникот.

Стандард пишува дека германската надворешна политика се креира и во кабинетот на канцеларот „и тоа од Јенс Плетнер, најважниот надворешнополитички советник на канцеларот Олаф Шолц“.

Курсот на Германија е „сосема очигледно насочен на тоа да ѝ се излегува во пресрет само на Србија и да се зајакне стопанската соработка, додека, на пример, германските дипломати вршат притисок на Косово. Таа политика во голема мера ја креира американската дипломатија, а Германија само ја следи“, се оценува во коментарот.

Стандард пишува дек „двете најважни земји во ЕУ“, Германија и Франција, склучија важни економски договори со Србија, и тоа Германија за експлоатација на литиум, а Франција за продажба на борбени авиони „рафал“.

Во меѓувреме, продолжува Стандард, луѓето во Србија на улиците демонстрираат против рудниците на литиум, и укажуваат дека власта нема да ги почитува еколошките стандарди, дека цвета корупцијата и дека јавната управа е подредена на интересите на владејачката партија.

„Но опозицијата едвај има некаква поддршка од Западот. Затоа што и ЕУ и САД со Србија склучија енергетски договори“, пишува Стандард, додавајќи дека е интересно што тоа се правда со намалување на зависноста од Кина, а дека најголем инвеститор во компанијата Рио Тинто, со удел од 11 отсто, е токму кинеската компанија Алуминиум корпорејшн.

Весникот ја пренесува оценката на американскиот аналитичар Даниел Сервер дека „уверувањето дека Белград може да се убеди да се сврти кон Западот е едноставно глупаво“.

Претседателот на Србија Александар „Вучиќ, навистина, ќе ги прифати парите од ЕУ и американскиот притисок на неговите еколошки противници, но ни едното ни другото нема да го наведат да се откаже од своите симпатии кон автократите кои слично размислуваат и имаат иредентистички амбиции“, оценил Сервер.

„И навистина нема никакви сигнали дека Вучиќ се врти кон Западот“, оценува австрискиот дневник, и како најнов пример го наведува доделувањето на високиот српски орден на рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја.

Според весникот, еден од малкуте германски политичари кои се осмелуваат да ја критикуваат Србија е социјалдемократскиот пратеник во Бундестагот Михаел Рот.

Рот на мрежата Икс напиша дека „тоа доделување орден на претставникот на режимот кој шири терор не е само евтина провокација, туку клоца во задникот на ЕУ, и плукање по клучните европски вредности – мирот, помирувањето, слободата и демократијата“, пренесува Стандард.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ