„Австрија секогаш ги поддржувала европските интеграции на државите од Западен Балкан. Сега, во знак на солидарност, на Украина и Молдавија исто така треба да им се понудат шанси за пристапување“, кажа Нехамер и остро се изјасни против забрзана процедура за двете држави.
Покрај тоа, истакна дека се потребни и внатрешни реформи на ЕУ ако Унијата сака да биде способна за проширување, се наведува во соопштението објавено на сајтот на парламентот.
„Австрија нема да се согласи на преговори за пристапување во ЕУ со Украина под сегашните услови, а особено не би требало да има фаворизирање на Украина во однос на Босна и Херцеговина“, кажа Нехамер одговарајќи на пратенички прашања.
Австрискиот канцелар истакна дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен не се консултирала со претседателите на владите на земјите членки пред да го отвори прашањето за перспективата на преговорите со Украина за придружување во ЕУ.
Европската комисија на 8 ноември му препорача на Европскиот совет да отвори преговори за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ.
Таа препорача, под одредени услови, отворање на преговори со Босна и Херцеговина и давање статус земја кандидат на Грузија.
Европскиот совет би требало на 14 декември да го разгледа прашањето за почетокот на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.