Од МВР информираа дека на средбата Тошковски го поздравил разбирањето на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) кое го имаат во однос на техничката природа на прашањето за проблемот со патните исправи, изразувајќи волја за надминување на овој проблем.
Во оваа прилика дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев се заблагодарил за досегашната соработка и уште еднаш ја потврдил примарната обврска на која се обврзал тој во рамките на оваа техничка Влада, а тоа е организирање на фер, слободни и демократски изборен процес.
„Амбасадорот Памер стави акцент на досегашната соработка, која треба да продолжи да се развива и во иднина. Австрија е голем поддржувач на нашиот европски пат. Во однос на македонските патни исправи истакна дека Австрија има разбирање за овој проблем и излегува во пресрет на македонските граѓани кои непречено го остваруваат правото на слободно движење во Австрија со старите обрасци доколку истите имаат валиден рок и регулиран престој во Австрија“, соопшти МВР.
На крајот од средбата, пишува во соопштението, Тошковски изразил уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најавил и зголемување на нејзиниот обем. Воедно се заблагодарил за ставот на Австрија во однос на нашиот технички проблем со издавањето на патните исправи за македонските граѓани.
Тошковски и Бојмацалиев денеска оствариле средба и со хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ која истакнала дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите се сѐ уште важечки.
Тигањ посочила дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите имаат рок на важност, за што министерот Тошковски изразил огромна благодарност, информираат од МВР.
Тошковски и се заблагодарил за досегашната соработка и изразил уверување дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина со несмален интензитет.
„Од страна на Бојмацалиев, беше изразена благодарност за досегашната соработка и уште еднаш беше потенцирана заложбата за спроведување на слободни, фер и демократски избори“, соопштуваат од МВР.
Амбасадорката Тигањ ја потенцирала долгогодишната соработка и ја претставила Република Хрватска како најголем поддржувач на Македонија во евроинтегративните процеси.