За предлогот на независниот претставник Ендрју Вилки вчера гласаа 86, а против беа 42 претставници. Владејачката Лабуристичка партија застана на страната на Вилки, а мнозинството од конзервативната опозиција се спротивстави.
Независниот пратеник рече дека тоа е „силен политички сигнал за британската и американската влада“.
Американските власти бараат екстрадиција на Асанж во САД. Тој во моментов е во британски притвор и е обвинет од американските судови поради објавувањето на доверливи американски воени и дипломатски досиеја од страна на Викиликс.
Британците се согласија на негова екстрадиција, но Австралиецот Асанж ги искористи последните правни средства за да се обиде да ја спречи. Јавната расправа ќе се одржи на 20 и 21 февруари, кога двајца судии ќе ја разгледаат претходната пресуда со која на Асанж му беше забрането да се жали. Вилки најави дека ќе отпатува во Лондон на сослушувањето.
„Без разлика дали го славите или презирате Џулијан Асанж, ова прашање трае предолго“, изјави тој за австралиските медиуми.
Премиерот Албанес ги повика САД да се откажат од екстрадицијата и да го ослободат Асанж. Поддржувачи на основачот на Викиликс посочуваат дека тој се казнува за разоткривање на американските неправилности и потенцијални злосторства, вклучително и во војните во Авганистан и Ирак. Вашингтон тврди дека со објавувањето на доверливите документи животи биле ставени во опасност.
Австралискиот министер за правда Марк Драјфус изјави дека минатиот месец разговарал за екстрадицијата на Асанж со својот американски колега Мерик Гарланд.
„Тоа беше приватен разговор, но ставот на оваа влада за Асанж е многу јасен и не е променет“, рече Драјфус. „Време е да се заврши ова прашање“, додаде тој.