понеделник, 21 октомври 2024

Австралиска сенаторка му викаше на Чарлс: „Ова не е твоја земја, ти не си мој крал!“ (ВИДЕО)

Кралот Чарлс се соочи со извици од сенаторка „ти не си мој крал“ веднаш откако го заврши својот говор во австралискиот парламент. Лидија Торп викајќи ја прекина церемонијата во главниот град Канбера околу една минута пред да биде изнесена од обезбедувањето.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кралот штотуку се оддалечи од говорницата за да ѝ се придружи на кралицата Камила која седеше на сцената кога Торп почна да вика додека таа доаѓаше од задниот дел на собранието. Откако упати обвинувања за геноцид, можеше да се слушне како вика: „Ова не е твоја земја, ти не си мој крал!“

По смирувањето на ситуацијата, кралската двојка ги поздрави граѓаните собрани околу парламентот. Луѓето кои вееја мали австралиски знамиња цело утро стоеле на силното сонце пред зградата на парламентот. Се собрале и помал број демонстранти.

Австралија е земја на Комонвелтот каде кралот служи како шеф на државата. Торп, Абориџинка која е независна сенаторка од Викторија, долго време се залагаше за договор меѓу австралиската влада и нејзините први жители. Австралија е единствената поранешна британска колонија која го нема, а многу Абориџини нагласуваат дека никогаш не го предале својот суверенитет или земја на круната.

Австралија со децении дебатира дали треба да се отцепи од монархијата и да стане република. Во 1999 година оваа идеја беше ставена на референдум, но претрпе тежок пораз. Сепак, анкетите покажуваат дека оттогаш се зголемила поддршката за отцепување од монархијата.

Австралискиот премиер Антони Албанис, кој се ракуваше со кралот непосредно пред Торп да почне да вика, е долгогодишен републиканец. Сепак, неговата партија ја отфрли можноста за второ гласање за ова прашање во скоро време, по неуспешниот референдум за признавање на домородното население минатата година.

Посетата на кралот Чарлс е негова прва посета на Австралија откако ја наследи својата мајка, кралицата Елизабета Втора. Поради неговото здравје, турнејата е пократка од претходните кралски посети. Кралската двојка утре во Сиднеј ја продолжува посетата на Австралија, пред да замине за Самоа на состанокот на земјите од британскиот Комонвелт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ