сабота, 27 јули 2024

Австралија воведува забрана за користење електронски цигари

Објавено на

часот

Сподели

Во обид да го запре алармантниот пораст на употребата на електронски цигари меѓу тинејџерите, австралиската влада воведе нови мерки како најголем удар за тутунската индустрија во последната деценија, наведува Ројтерс.

Владата има намера да ги забрани сите видови електронски цигари кои се нудат на пазарот со различни вкусови на овошје, како и увозот на тој тутунски производ, како и да го ограничи нивото на никотин во производите, со цел да им помогне на пушачите да се откажат од пушењето.

Според новите правила, електронските цигари ќе се продаваат само во аптеките и ќе биде забранет увозот на оние уреди кои не се нарачани од аптеките.

Ќе бидат забранети сите еднократни е-цигари и ќе се воведат ограничувања за пакувањето, вкусовите и достапните бои, рече министерот за здравство Марк Батлер во обраќањето до Националниот прес-клуб на Австралија.

„Нема повеќе вкусови на гума за џвакање, нема повеќе розови еднорози или е-цигари маскирани како маркери за децата да ги скријат во своите училишни прибори. Наместо тоа, ќе имаме обична амбалажа со едноставни вкусови“, рече Батлер.

Тој рече дека пушењето е-цигари е „најголемата дупка во законот во австралиската историја“ и Австралија нема да дозволи придобивките што ги постигна во намалувањето на употребата на тутун да се поништат со „новата закана по здравјето“.

Батлер рече дека пушењето е-цигари во Австралија станало рекреативен производ, кој се продава главно на тинејџери и млади луѓе за кои постои три пати поголема веројатност да почнат да пушат.

„Електронските цигари им се продаваат на владите и заедниците ширум светот како терапевтски производ за да им се помогне на долгогодишните пушачи да се откажат од цигарите. Нема да стоиме на страна и да дозволиме пушењето електронски цигари да создаде уште една генерација зависници од никотин“, рече тој.

Тој најави пакет поддршка за здравствениот систем, вклучително и нова национална програма за скрининг на рак на белите дробови.

Австралија ќе ги зголеми даноците за тутунот за пет проценти годишно во следните три години за да помогне во плаќањето на програмата.

„Знаеме дека поскапата цигара е помалку атрактивна цигара“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ