сабота, 27 јули 2024

Австралија планира да ја изгради својата најголема морнарица од Втората светска војна

Австралија најави дека планира да ја изгради својата најголема морнарица од Втората светска војна. Тие ќе инвестираат 35 милијарди долари во одбранбениот проект во следните десет години, пренесува Си-ен-ен. Аналитичарите сметаат дека Австралија се подготвува за зголемени тензии со Кина во Индо-Пацификот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Независно истражување на пензиониран адмирал на американската морнарица откри дека „австралиската флота во моментов не е прилагодена на денешното стратешко опкружување“. По објавувањето на тоа истражување, австралиските лидери одлучија да го зголемат бројот на воени бродови на 26.

„Силна Австралија се потпира на силна морнарица која е подготвена да води дипломатија во нашиот регион, да одвраќа потенцијални непријатели и да ги брани нашите национални интереси кога е потребно“, изјави австралискиот шеф на морнарицата, вицеадмирал Марк Хамонд.

Планот за зголемување на флотата ќе вклучува 20 разорувачи и фрегата и шест големи бродови кои можат да пловат без екипаж, како дронови.

Австралија веќе има договор со САД и Велика Британија за изградба на флота од подморници на нуклеарен погон. Предвидено е три подморници да бидат произведени на почетокот на следната деценија.

Надградбата на флотата треба да биде завршена до 2040-тите.

Џенифер Паркер, истражувач по поморски студии на Универзитетот во Канбера, рече дека постои ризичен период бидејќи некои од постарите бродови ќе бидат пензионирани пред новите бродови да стапат во служба.

Опозицијата го критикуваше планот. „Нема да видиме брод во вода до 2031 година, доколку воопшто се испочитуваат роковите. Планот не одговара на стратешките предизвици со кои се соочуваме во овој опасен свет“, рече Ендрју Хести, опозицискиот кандидат за министер за одбрана.

Аналитичарите сметаат дека Австралија нема доволно искусни морепловци за да ја пополнат флотата. Владата уверува дека подобрувањето на флотата ќе бара минимално зголемување на бројот на морепловци, бидејќи повеќе ќе се потпира на технологија и автоматизација.

Пат Конрој, министерот за одбранбена индустрија, рече дека бродоградилиштата ќе отворат 3.700 нови работни места во следните десет години.

Партијата на Зелените го нарече проектот „грешка од повеќе милијарди долари“ оркестрирана од локалните политичари за да се спасат работните места во бродоградбата, а со тоа и нивните политички места.

„Без разлика колку пати нашето одбранбено раководство ќе погреши, наплаќа премногу и испорачува премалку, ги задржува своите работни места и се наградува со милијарди долари јавни пари“, рече портпаролот на Зелените, сенаторот Дејвид Шубриџ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ