четврток, 26 декември 2024

Лавров за употребата на нуклеарното оружје: Не ја тестирајте нашата трпеливост – кој има уши, нека слушне

ЛНема да биде лесно да се реши судирот во Украина, но Москва не им врти грб на преговорите туку очекува сериозни и конкретни предлози, порача рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за емисијата “60 минути”.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

“Немаме илузии дека е лесно да се реши ситуацијата во Украина”, истакна рускиот министер и нагласи дека окончувањето на украинската криза е поврзано со уредувањето на безбедносната ситуација во цела Европа.

Шефот на руската дипломатија повика да се работи на конечно, потполно, правно обврзувачко решение на ситуацијата во Европа, вклучително на украинската криза.

Исто така, продолжи министерот, Русија нема илузии дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД во истиот момент и сигурно ќе почнат преговорите за Украина.

Според неговите зборови, Русија била спремна да направи сè за западните даночни обврзници да “не ги трошат парите за бункери”.

Ставот на Русија е јасен – таа не поставува услови туку бара да се исполни тоа што е веќе повеќепати договорено, нагласи министерот.

На Запад зборуваат само за примирје кое би му дало на Киев можност да ја обнови силата, но Москва не би се задоволила со примирје, додаде Лавров.

Зборувајќи за ризиците од употреба на нуклеарно оружје, Лавров истакна дека Москва не сака да го “подгрева тоа прашање”, но и не советува да се тестира нејзиното трпение кога е во прашање заштита на националните интереси.

„Кој има уши, нека чуе”, порача Сергеј Лавров.

Притоа, рускиот министер потсети дека по иницијатива на Русија во 2021 година претседателите на Русија Владимир Путин и на САД Џо Бајден, а потоа и лидерите на сите пет нуклеарни држави и постојаните членови на Саветот за безбедност разговараа за употребата на нуклеарното оружје и тогаш е истакнато дека во војна со примена на такво оружје не може да има победник, затоа никогаш не треба ни да се почне.

Зборувајќи за нападите на Украина на руска територија, Лавров истакна дека Москва не мора нужно веднаш да одговори на нападите – понекогаш е подобро да се измери седум пати, но да се удри еднаш, но тоа да биде засекогаш.

“Не е потребно да се реагира веднаш по разбојничкиот напад на Казањ, во Курската област, Брјанск или Белгородската. Не треба да се реагира веднаш следното утро. Може и малку да се почека, ние сме трпеливи луѓе. Некогаш, знате, потребно е седум пати да се измери и еднаш да се пресече. Но треба така да се измери што кога ќе се пресече да биде потполно”, рече Лавров.

Руските удари во последниве месеци ѝ нанесоа значителна штета на украинската воена машина, забележа Лавров.

На прашањето дали го фатила празнична еуфорија и дали му е “расположението новогодишно”, Лавров рече дека сепак е “борбено”.

Министерот забележа дека многу експерти сметаат дека од Киев и од Западот за Нова година и за Божиќ може да се очекува “сè” и дека акциите на Украина се директно кршење на сите антитерористички конвенции.

„Што се однесува на постојаните терористички манири кон кои прибегнува киевскиот режим, намерно гаѓајќи чисто цивилни цели, станбени згради, болници, клиники, продавници, места на собирање и одморалишта на луѓето – тоа е нечуено, тоа е директно кршење на сите антитерористички конвенции, сите резолуции на Советот за безбедност на ОН на оваа тема”, наведе министерот.

Зборувајќи за состанокот на рускиот претседател Владимир Путин и словачкиот премиер Роберт Фиц, Лавров рече дека разговарале за варијантите кои би овозможиле рускиот гас да дојде до заинтересираните држави од Источна и од Централна Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ