сабота, 19 октомври 2024
Интервју со заменик-министерката за правда

Аврамовска-Мадиќ: Премиер Албанец за Албанците е постигнување, за нас е техничко прашање

Премиер Албанец за Албанците е постигнување, а за нас, е техничко прашање уредено со закон, вели Викторија Аврамовска-Мадиќ, заменик-министерка за правда по изборот на Талат Џафери за прв Албанец како претседател на македонската техничка влада. Таа вели дека е уште рано да се оцени каква е соработката со владините членови од ВМРО-ДПМНЕ, но верува дека оваа Влада ќе одговори на сите предизвици, а изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера.

Објавено на

часот

Сподели

За тоа што на денот на изборот на владата странски новинари беа привелегирани при известувањето, заменик-министерката за правда вели дека тоа што се случи тој ден е одговорност на Собранието. Во интервју за МКД.мк, Аврамовска-Мадиќ вели дека последниот член на Државната изборна комисија (ДИК) кој недостасува треба да се избере со консензус и дека довербата во правосудниот систем и институциите ќе се врати само ако секој од нас почне да ги почитува и спроведува Уставот и законите.

Како ја оценувате работата на техничката Влада, каква е соработката со министрите од ВМРО-ДПМНЕ?

-Техничката влада беше формирана на 28 јануари, пред само една недела. Рано е да се зборува за соработка со министрите на опозицијата бидејќи одржана е само една владина седница и сè уште не се почнати процеси кои произлегуваат од законската рамка за улогата на техничката влада. Верувам дека оваа Влада ќе одговори на сите предизвици и ќе работи во интерес на граѓаните, а изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера.

Иако претседателот вашата партија, СДСМ, Димитар Ковачевски најавуваше дека ќе останат празни местата за министрите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада, сепак техничкиот премиер Талат Џафери го поднесе предлогот целосно и вие гласавте. Што мислите, зошто Џафери не го послуша Ковачевски?

-Во Законот за Влада во кој е регулирано начинот на формирање на техничка влада, јасно се дефинира кога, како и кој ја формира таа влада. Социјалдемократскиот сојуз секогаш го почитувал Уставот и законите и носел одлуки кои се во согласност со нив, како и  одлуки кои се во интерес на државата. Мандатарот предложи техничка Влада согласно закон и парламентарното мнозинство кое го предводи токму СДСМ ја изгласа, пред сè во интерес на државата и спроведувањето на претстојните парламентарни избори.

ДУИ триумфалистички го прослави изборот на Талат Џафери за прв премиер – Албанец, како СДСМ гледа на ова однесување на вашиот коалициски партнер?

-СДСМ е државотворна, храбра, одлучна партија која урива табуа и предрасуди во нашето општество градејќи го концептот едно општество за сите, и партија која традиционално си го држи својот даден збор и ветување. Сите наши коалициски договори ги исполнуваме во целост, секако во интерес на државата и граѓаните, а не на тесно партиски интереси. Ние, силно веруваме во концептот на еднаквост и нашата решителност се препознава од страна на граѓаните и последователно се наградува на избори. Национализмот е гнездо на нерешителни  луѓе, кукавици, кои што заради власт го залажуваат народот со непостоечки стравови од другиот. Македонија е наша заедничка држава и ништо од предвидувањата или сеењето на страв од страна на опозицијата досега се нема остварено, напротив, се покажа и докажа како успешна формула за градење на едно општество за сите.

Дали сето ова беше потребно, која порака се праќа?

-Всушност, сѐ станува популарно, ако е пренесено од страна на медиумите, доколку не, тогаш останува незабележано. За нив е постигнување, за нас е техничко прашање уредено со Закон за влада и со Пржинскиот договор, но и со коалицискиот договор истовремено.

Во Собранието се случи своевиден преседан, на медиуми од соседна Албанија им беше дозволено да присуствуваат во галеријата, на местото предвидено исклучиво за дипломатскиот кор за време на седницата. Не видовме никаква реакција од вашата партија, СДСМ. Дали е нешто преземено?

-За изборот на техничката влада имаше голем интерес во регионот и претпоставувам дека новинари од соседните земји се акредитирале да го следат изборот во Собранието. Тие не  треба да имаат повластен туку напротив, еднаков пристап како сите други новинари. Целата галерија е резервирана за медиуми или дипломати и гости на Собранието. Тоа што се случи тој ден на собраниската галерија е одговорност на Собранието.

Опозицијата на партиите на Албанците го бојкотира Собранието, претседателот Јован Митрески повика да се разговара за двајцата кандидати за избор на еден член на Државната изборна комисија (ДИК) и тој да биде избран со консензус. Дали ќе се постигне решение или договор за комплетирање на ДИК?

-Државната изборна комисија согласно Изборниот закон мора да работи во полн состав за време на изборниот процес. Членот на ДИК се бира со двотретинско мнозинство и затоа за неговиот избор мора да има консензус на сите парламентарни политички партии. Претседателот на Собранието Јован Митрески ги повика сите координатори на пратенички групи, час поскоро да постигнат консензус. Се надевам дека ќе има компромис меѓу политичките чинители.

До каде е постапката во СДСМ за избор на претседателски кандидат? Имате ли фаворит?

-СДСМ согласно Статутот на партијата донесе Одлука на Централниот одбор за утврдување на начинот и критериумите за отпочнување на постапката за утврдување на кандидат на СДСМ за  претседател на Република Северна Македонија на претседателските избори во 2024 година. Постапката е завршена во внатрепартиските општински органи. Сите заинтересирани кандидати и предложени од општинските организации ќе бидат разгледани и во една транспарентна и демократска процедура на 27 Конгрес на СДСМ ќе се утврди кандидатот за претседател на државата  од редовите на СДСМ.

Претставници на партијата велат дека сѐ уште се прават анализите дали заеднички ќе настапите на изборите или самостојно. Кој е вашиот личен став?

-Иницијативата за широк Европски фронт произлезе токму од претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Сите оние кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на Европската Унија (ЕУ) се повикани да се приклучат и заеднички да ја оствариме стратешката цел, членството во ЕУ. Се разговара со сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија и активисти. Силно верувам во идејата и иницијативата за Европски фронт и секој политички субјект кој верува и го подржува патот на ЕУ треба да биде дел од овој фронт.

Зачестија средбите на опозициските партии на Албанците со премиерот на Косово и претседател на партијата Самоопределување, Албин Курти. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети реагира дека Курти се меша во внатрешните работи на Македонија. Што мислите, што значеа средбите во Приштина?

-Дали некој се меша во внатрешните работи на нашата земја, не би можела да кажам затоа што ниту јас, ниту пак партијата СДСМ била присутна на некоја од тие средби за да знаеме за што се разговарало со премиерот на Косово и претседател на Самоопределување, Албин Курти. Што значат тие средби, би требало да ги прашате тие што учествуваа на нив.

После присуството на генералниот секретар Миле Зечевиќ на конвенцијата на промоцијата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во лидер на Нова алтернатива, дали може да се насети дека СДСМ е во тајна коалиција со Арсовска во Градот Скопје, како што обвинува опозицијата?

-Присуството на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ беше протоколарно, како  претставник на СДСМ. Ова го правиме со сите други политички субјекти на нивните годишни собранија. Покажувањето на политичка култура е добро и треба да биде поздравено од секоја политичка партија. Ве уверувам дека не станува збор за никаква ‘тајна коалиција’ со Данела Арсовска. СДСМ е партија која ќе коалицира со која било политичка партија која има за цел остварување на целите и задачите за полноправно членство во ЕУ, затоа што тоа е иднината на нашата држава.

Од Владата соопштија дека предог-законот за измени на Законот за рестриктивни мерки бил донесен едногласно. Но владини извори за МКД.мк велат дека токму вие како заменик-министерка за правда сте биле против и сте го бранеле негативното мислење што Министерството за правда го даде за овој владин предлог. Дотолку повеќе што издвоеното мислење на Министерството е прикачено како посебен документ во списите од владината седница. Која е вистината и што мислите, кои се целите на ваквиот владин предлог?

-Министерството за правда даде негативно мислење на првиот предлог-закон за рестриктивни мерки со образложение дека воведувањето на рестриктивните мерки со одлука на Влада врз основа на сомневање не е во согласност со Уставот и со системот на казнено право. Да почекаме законот повторно да се најде на дневен ред на владина седница, па потоа како Министерство за правда ќе се изјасниме.

Последниот извештај на Транспаренси интернешнл наведува дека со избрзаното носење на Кривичниот законик (КЗ) се извршило поткопување на судството? Кои се причините што прваосудството се симна на толку ниски гранки?

-Вербата во судството може да ја вратиме само со промена на свеста кај секој од нас. Губењето на вербата во судските органи, во судиите и обвинителите ја прават само поединци и не може да ги генерализираме работите и постојано да зборуваме дека сите судии и обвинителите се корумпирани. Нашата држава има добри закони, и промената на Кривичниот законик не ја спушти вербата во судството во ниту еден момент. Предметите од јавен интерес можеа да бидат решени и пред 7, 5 или 3 години. Проблемот за губење на вербата во судството, па и во другите институции настанува поради имплементацијата на законите. За жал, Македонија се соочува со мала или не соодветна примена за законските решенија, селективна правда, не почитување на законите. Сѐ додека не почнеме да го почитуваме Уставот, законите и прописите, од страна на секој од нас како поединец, нема да можеме да ја вратиме вербата кај граѓаните. Оваа битка треба да ја води секој од нас.

Кога сме на тема измени на Кривичниот законик, од оваа временска дистанца, после хаосот и разногласијата што се појавија во јавноста, може ли да ни кажете кој ги предложи измените со кои десетици кривични дела со над 80 обвинети функционери застареа. Опозицијата ве обвини дека со тоа и вие се спасивте од кривичен прогон по кривичната пријава што Град Скопје ја поднесе против вас и ваши соработници додека бевте секретарка на градот со образложение дека сте ја злоупотребиле функцијата затоа што на својот зет од сестра сте му доделиле тендер за набавка на заштитна опрема?

-Измените на Кривичниот законик се донесени во септември 2023 година, додека кривичната пријава од Градот Скопје, поточно од градоначалничката Данела Арсовска против мене, беше отфрлена од Основното јавно обвинителство како неоснована уште во февруари 2023 година, од причини што тендерот за новиот интернет портал на градот беше целосно во функција. Што се однесува до тендерот, за кој подолго време опозицијата обвинуваше дека го добила компанијата во која работи мојот зет, се неосновани поради тоа што мојот зет го нема добиено предметниот тендер.

Г-ѓа Аврамовска-Мадиќ, како правосудството да се ослободи од политички влијанија? Дали се согласувате со идејата дека е потребно прочистување (ветинг) во правосудните редови како една од мерките?

-Ветинг е мерка за прочистување на судството. Но, ветинг може да се спроведе уште сега со постојните закони и институции. Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси започна проверка на имотната состојба на претседателите на судовите и во извештај констатираше неусогласеност на четворица претседатели на судови во нивната имотна состојба. Сега на потег е обвинителството и судството. Финансиската полиција, УЈП, ДКСК можат да ја проверат имотната состојба и судир на интереси за секој судија и обвинител. Политичкото влијание нема да може да го сопре ниту еден закон доколку судијата или обвинителот што има политичко влијание не го пријави. Постојано повикуваме дека судиите и обвинителите треба да се одважат и да пријават и пред сѐ одлуките да ги носат согласно закон, самостојно, непристрасно и совесно.

Доколку на претстојните избори повторно победи и формира Влада вашата партија СДСМ, на која функција претендирате овој пат?

-Европскиот фронт ќе победи на претседателските и парламентарните избори и идната Влада ќе ја предводи претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Во новата Влада ќе бидам на функција за која мојата партија ќе одлучи и смета дека најсоодветно и најпрофесионално ќе ја извршувам.

Искра Опетческа

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ