сабота, 27 јули 2024

АВМУ вели дека законски, без јавен повик, е доделена донацијата за ИРЛ

Донацијата која Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја додели на ИРЛ е во согласност со членовите 4,6,7, 9, 10 и 11 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, се вели во одговорот на АВМУ на прашањата на МКД.мк за основата на која без јавен повик е доделена оваа донација од 80 илјади евра.

Објавено на

часот

Сподели

Одговорот на АВМУ го пренесуваме во целост:

„Постапката за одлучување е уредена со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно одлуката ја донесе Советот на Агенцијата врз основа на предлогот на директорот. Една од надлежностите на Агенцијата е да ја поттикнува слободата на изразување и да се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Во современите демократски општества неопходно е практикувањето на истражувачкото новинарство со истовремено почитување на новинарските принципи и стандарди. Овој новинарски пристап придонесува за одговорно и отчетно владеење како и за откривање информации кои државните и јавните институции, компаниите или одредени личности ги поседуваат, но не сакаат да ги споделат со јавноста, а се од јавен интерес, или пак со нивното откривање преовладува јавниот интерес. Истражувачкото новинарство бара многу труд, време и ресурси и веројатно тоа се главните причини поради кои недостасува во македонскиот медиумски простор. Имајќи го ова предвид, во контекст на поттикнување на професионализмот и поголема застапеност на истражувачките стории, Агенцијата ја додели споменатата донација.

Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности точно го уредува давањето и примањето на донациите и во него не е предвидено објавување јавен повик или конкурс. Примателот на донацијата е обврзан да ги користи средствата исклучиво за намената за која е дадена донацијата, а нивната исплата се реализира откако ќе биде потврден јавниот интерес од страна на Министерството за правда.

Во досегашното свое работење, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги повеќепати има доделувано донации на различни субјекти, водејќи се од целите на јавниот интерес. Финансиски средства се доделени на радиодифузерите за да се поддржи постоењето и непреченото работење на плуралистички медиуми, на Советот на етика (Извршната канцеларија и Комисијата за жалби) со цел да придонесе за непречено функционирање на единственото саморегулаторно тело за медиуми во земјава, чија работа е исклучително важна за подобрување на квалитетот на медиумските содржини и на професионалноста на медиумите, но и за ублажување на последиците од природни катастрофи и човечки трагедии. Досега, доделените финансиски средства, по овие основи, во периодот од 2015-2023 година се во вкупен износ 190.132.305 денари. Поединечно по години, распределбата на финансиските средства за донации е следнава:

Во 2016 година е исплатена донација од 1.000.000 денари за санирање на последиците од поплавите во Скопскиот регион. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Македонија.

Во 2018 година е исплатена донација од 1.000.000 денари за справување со последиците од пожарите во пошироката околина на градот Атина-Република Грција. Донацијата е исто така реализирана преку Црвениот крст на Република Македонија.

Во 2020 година доделени се неколку донации:

За справување со ковид кризата на ЈП МРТ Скопје доделена е донација во износ од 30.000.000 денари;

На Министерството за здравство, донација од 1.000.000 денари;

На Министерството за внатрешни работи, донација од 1.000.000 денари;

На сите радиодифузери кои во моментот на носење на одлуката поседуваа дозвола за вршење радиодифузна дејност, финансиски средства во висина на основицата за нивните дозволи за 2019 и 2020 година во вкупен износ од 72.616.691 денари;

Донација за справување со последиците од земјотресот во Република Албанија од 1.000.000 денари, која е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија и

Донација за ТВ Канал Вис од Струмица во износ од 3.000.000 денари за санирање на последиците од пожарот кој ја зафати оваа телевизија.

Во 2021 година доделени се следните донации :

Беше платен надоместокот за тековната година на сите радиодифузери кои поседуваа дозвола за вршење радиодифузнa дејност за 2021 година. Вкупниот износ изнесуваше 46.001.419 денари. Средствата беа обезбедени со одлука на Влада на РСМ;

Исплатена е донација за семејствата погодени од пожарот во модуларната болница во Тетово. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија и

Исплатена е донација за настраданите во сообраќајната несреќа што се случи во Република Бугарија во износ од 2.850.000 денари. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Во 2022 година доделени се следните донации:

Одобрена е донација во износ од 50% од висината на годишниот надоместок за 2022 година за сите радиодифузери. Одобрениот износ изнесуваше 18.143.737,00 денари и

Исплатена е донација на Радио ЕФ-ЕМ 90,3 Спортско радио на износ од 250.000,00 денари за организација 30-от Јубиларен турнир во мал фудбал на медиумите.

Во 2023 година доделени се следните донации:

Донација во износ од 25% од висината на годишниот надоместок за 2023 година. Одобрениот износ изнесуваше 10.070.458 денари;

Донација во износ од 1.000.000 денари за настраданите во земјотресот во Република Турција и Сирија. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија и

Донација во износ од 300.000,00 денари за подршка на работата на Советот за етика во медиумите.

Покрај финансиски средства, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги доделуваше и движни ствари и технички средства за работа, за кои и беше престаната потреба за користење, но беа во употребна состојба. Така, во 2015 година, на Агенцијата за разузнавање ѝ беа дадени на трајно користење канцелариски мебел и опрема, а во 2022 на Албанскиот театар за деца и млади, во насока на унапредување на културата, доделени се 15 персонални компјутери, 23 монитори и 2 печатачи.

За субјектите на кои била доделена донација, нејзината висина и намената, Агенцијата секогаш била крајно транспарентна и податоците ги објавувала на својата веб страна преку соопштение за јавноста.

Во рамки на своите финансиски можности, Агенцијата и понатаму ќе придонесува за подобрување и унапредување на медиумската сфера и професионализмот во медиумите, ќе ја поттикнува саморегулацијата и ќе поддржува и промовира јавни дејности со кои се остварува јавен интерес“, се вели во одговорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ