петок, 26 јули 2024
Според словачкиот министер за внатрешни работи

Атентаторот на Фицо протестирал поради суспендирањето на воената помош за Украина

Матуш Сутај Есток осомничениот го нарече „осамен волк“ незадоволен од политиката на Братислава.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Човекот што критично го рани Роберт Фицо во средата беше жесток критичар на одлуката на словачкиот премиер да ја запре испораката на оружје за Украина, изјави министерот за внатрешни работи Матуш Сутај Есток.

Фицо во средата беше застрелан неколку пати додека ги поздравуваше поддржувачите во малиот град Хандлова. Напаѓачот веднаш беше уапсен, а премиерот итно беше пренесен во болница во тешка состојба. Локалните власти претходно соопштија дека зад нападот има „јасна политичка мотивација“.

Медиумите го идентификуваа напаѓачот како Јурај Цинтула (71), за кој се вели дека е основач на Словачката асоцијација на писатели и поддржувач на опозициската партија Прогресивна Словачка.

Во вторникот, Сутај Есток ги потврди претходните медиумски извештаи дека „насилникот е обвинет за кривично дело обид за убиство со умисла“ и нагласи дека тоа е „политички мотивиран чин“.

Според министерот, осомничениот внимателно ги следел домашните и меѓународните настани и протестирал против неколку владини политики, вклучително и затворањето на Специјалното обвинителство и суспензијата на воената помош за Украина. Фицо, критичар на западниот став за украинскиот конфликт, кампањата ја водеше со ветување дека ќе ја намали испораката на оружје за Киев, што и го стори откако ја презеде функцијата премиер по изборите минатата есен.

„Тој ги наведе овие причини зошто не се согласува со владината политика и зошто одлучил да го убие премиерот“, рече Сутај Есток, опишувајќи го напаѓачот како „т.н. осамен волк“ што не е поврзан со ниту една група.

Тој истакна дека дејствијата на осомничениот делумно биле забрзани со неодамнешната победа на Питер Пелегрини, сојузник на Фицо, на претседателските избори. Мандатот на актуелната претседателка Зузана Чапутова, која се опишува како прозападно наклонета, истекува следниот месец. И Пелегрини и Капутова го осудија нападот, опишувајќи го како закана за демократијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ