Јавното обвинителство вчера информираше дека доставило барање до МВР за распишување потерници, откако Основниот кривичен суд за Груби и Бајрами одреди мерка притвор од 30 дена. Груби наводно ја напуштил земјата пред почетокот на полициската акција. Според извори од истрагата, тој бил превезен до Косово со возило со дипломатски таблици. Возач на возилото бил Арсим Папранику, бизнисмен и сопственик на компанијата „Нептун“.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна потврди дека Груби во текот на неделата со стопанственик и со дипломатско возило заминал за Косово.
„Моите информации се дека поранешниот директор на Државна лотарија подолго време не е во земјата. Поранешниот вицепремиер, пак, вчера со возило со дипломатски таблици, заедно со стопанственик, ја напуштил Македонија и се упатил кон Косово“, изјави Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера потврди дека истрагата за проневерата во Државна лотарија опфаќа повеќе осомничени, вклучително и поранешен премиер, прв вицепремиер, генерален секретар и други државни службеници.
„Кривичната пријава поднесена на 13 декември 2024 година од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција опфаќа осум физички лица. Постојат сомневања дека овие лица сториле повеќе кривични дела кои резултирале со значителна штета врз буџетот на македонските граѓани“, изјави Тошковски.
Во оваа фаза од истрагата, Обвинителството не открива детали за точниот механизам на проневерата, но најави дека ќе следат дополнителни дејствија за утврдување на одговорноста на сите инволвирани лица.
Вчера Јавното обвинителство издаде наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР) да распише потерница за поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами откако Основниот кривичен суд Скопје одлучи да им изрече мерка притвор во траење од 30 дена затоа што и двајцата се наоѓаат во Косово.