четврток, 26 декември 2024
По поранешниот вицепремиер се води интензивна потрага

Артан Груби деветти ден успешно се крие од органите на прогонот

Поранешниот вицепремиер Артан Груби е недостапен за органите на прогонот веќе девет дена и по него се води интензивна потрага. Против него е распишана потерница, а според информациите, неговото бегство е организирано со помош на влијателни лица.

Објавено на

часот

Сподели

Според досегашните информации Груби ја напуштил Македонија на 15 декември 2024 година преку граничниот премин Долно Блаце. Во бегството, улога одиграл полицаец против кој е поднесена кривична пријава за овозможување непречено преминување на границата.

На 15.12.2024 во 09.06 часот, извршувајќи работни задачи на работно место полициски службеник во полициската станица за граничен премин Долно Блаце, во кабина на излез од државата, со пропуштање на должен надзор, пријавениот дозволил излез на патничко возило џип мерцедес со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А.П. од Скопје, а сопатник бил А.Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка ‘задржи и веднаш извести’, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР.

Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б.Ј. му овозможил на Груби да оствари излез од државата и покрај внесената мерка „задржи и веднаш извести“, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР.

Арсим Папранику, почесен конзул на Косово во Македонија од 2018 година и сопственик на компанијата „Нептун“, се сомничи дека го транспортирал Груби во Албанија.

Папранику, во полиција дал исказ дека на 15-ти декември го одвезол поранешниот вицепремиер Артан Груби до Тирана, каде пиеле кафе и го оставил во хотел близу стадионот. Според неофицијалните информации, Груби престојува покрај Јадранско море, близу Драч.

Во меѓувреме, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд во Скопје ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка за определување мерка притвор од 30 дена за Груби.

„Кривичниот совет, постапувајќи по жалба изјавена од одбраната на осомничениот Артан Груби, кој е недостапен за органите на прогонот, донесе одлука со која ја одби жалбата и го потврди решението за мерка притвор од 30 дена“, информираат од Судот.

Истражните органи интензивно работат на откривање на сите околности и инволвирани лица во овој случај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ