среда, 23 октомври 2024
Прес-конференција на градоначалничката на Скопје

Арсовска вели дека била најдобра додека ВМРО-ДПМНЕ не почнале да ја блокираат во работата

„По три години ВМРО-ДПМНЕ признава дека блокадата е организирана и оркестрирана, токму од оваа политичка партија и нејзините советници на Град Скопје“, изјави денеска на прес-конференција градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Таа вели дека била најдобар градоначалник се додека ВМРО-ДПМНЕ не започнале да и ги бојкотираат програмите.

Објавено на

часот

Сподели

Градоначалничката истакна дека на вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински предложила решенија за проблемите со кои се соочува Град Скопје, но како што рече, средбата наликувала на „политички циркуз за добивање политички поени”.

„Сакам да го цитирам Перински, дека генерален заклучок е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје. Добро е тоа што Мицкоски се обиде да ги поправи грешките на неговите сопартијци, за жал, сето тоа наликуваше на политички циркуз само за добивање на политички поени. Јас не се натпреварувам за политички поени“, рече Арсовска.

Министерот Перински, вчера по средбата во Владата со Арсовска, рече дека таа до крајот на оваа недела треба да состави план што ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје.

Тој, меѓудругото, кажа дека на вчерашниот состанок не слушнале ништо конструктивно од градоначалничката во однос на решавањето на проблемите со Јавното комунално претпријатие и Јавно сообраќајно претпријатие.

Градоначалничката вели дека наскоро треба да биде презентиран новиот план, „па да видиме кој колку сработил“.

Таа вели дека осветниците на ВМРО-ДПМНЕ не креваат рака или ја напуштаат салата, без свој коментар, а „својата работа да кренат два прста за 500 евра не ја работат“.

„Имав 45 личности предлог-советници кои на секој настап кога го презентирав тоа тие го кочеа, а претходно велеа дека ќе бидат гаранти на моите проекти. Тоа што некој не сака да ги види и чуе, тоа сепак е нивна мана – што има градоначалници кои имаат 2 отсто програма. Тие сите имаат Совети кои заедно им ги имплентираат одлуките уште од првиот месец од годината. Имаат буџети кои никој не им ги спори и расипува. А ние тука во Град Скопје се бориме со политички дилетанти“, вели таа.

На прашање дека граѓаните се гушат и дека сега повторно се прави план кога ништо не е функционално таа вели:

„Надлежностите за ова да се изгласа не се во рацете на Град Скопје. Се сложувам со Перински. Јавните претпријатија не можат да вработат 120.000 луѓе ако таа програма не е помината на Совет на Град Скопје, тоа би било незаконски. Доколку ги слушаа моите планови сега ќе имавме целосно нов возен парк. Не ги ветуваше Мицкоски автобусите покрај мене? Во Скопје ме гласаа 45 советници, но тука во Советот не гласаа ништо. Да можев без нив, до сега градот ќе беше тип-топ. Го немам направено само она коешто Советот не гласа. Станав непопуларна градоначалничка откако ги фатив со рачињата во медот. Секој знае дека без овие Програми не можете ништо да направите“, додава Арсовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ