среда, 23 октомври 2024
Градоначалничката на Скопје во ТВ-гостување

Арсовска: Ако работеа советниците во интерес на Скопје ќе немаше проблеми, тие само блокираат

На прашањето зошто не поднесе оставка на функцијата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска рече дека нема погрешено ништо во својата работа и го постави прашањето зошто не се бара оставка од дел од советниците кои, како што нагласи, земаат по 500 евра паушал за еднаш во месецот да дојдат на седница и ги  блокираат нејзините предлози. „Пари за набавка на авобуси имаме, но сме блокирани, но и бараме Владата да си го плати долгот“, рече Арсовска.

Објавено на

часот

Сподели

„Граѓаните ме изгласаа за да го водам Скопје, а ги гласаа и овие 45 советници кои што за 500 евра треба да се појават еднаш и да гласаат. Треба да ги мол.ам да доаѓаат и да гласаат за предлозите за добро на градот и граѓаните? Да, ги молев, не еднаш, многу пати. Но од нив нема никаква реакција“, рече Арсовска.

Таа рече дека службите во Градот Скопје, поточно над 500 вработени, ја сработиле својата работа и го доставиле сето она кое што се доставува до Советот за да се гласа.

„Зошто да се повлечам? Од тие кои што не гласаат треба да побарате оставка. Советот не може да најде заеднички јазик со мене. Тие кога имаа директори од нивните редови, за нив јас бев најдобриот градоначалник. Вакви советници како сега, да ви кажам искрено, во ваков состав, не знам дали досега некогаш имало. Да не се гласа ниту една одлука во интерес на граѓаните, тоа е незамисливо“ додаде Арсовска.

На прашање дали утре е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа нагласи дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

„Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но таа средба не беше отворена за јавноста па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се причинило дека нема план“, додаде таа.

Како што рече, првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје, поради недоволниот број на автобуси и дотраеноста на оние ЈСП ги има во овој момент. За набавка Градот има пари, рече таа.

„Ние не баравме никакви пари за еко автобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците да може да ги набавиме еко автобусите. На нас пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат. Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните“, рече Арсовска.

По телевизиското гостување на Арсовска, со реакција се јави ВМРО-ДПМНЕ.

„Данела Арсовска имаше разочарувачко лошо интервју, во кое се натпреваруваше со дното. Сите други ѝ се виновни, само таа не е. А истата е градоначалник и единствено одговорна за хаосот во Скопје. Арсовска од градоначалник на најголемата локална самоуправа во државата, неуспешно бараше кој град е полош од неа, еве да ѝ ги скратиме маките на Арсовска, полош град и градоначалник од неа нема. Арсовска стана единица мерка за неспособност и криминал. Единствена работа која истата треба да ја работи е да го чисти ѓубрето од улиците и да има ефикасен јавен превоз, и овие две работи истата не може и е неспособна да ги прави. Арсовска треба што побрзо да си даде оставка и да ги спаси скопјани од маките во кои самата ги втурна“, се вели во реакцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ