петок, 27 декември 2024

Армијата остана без жени!

Од вчера „ослабена“ е моќта на македонската армија. АРМ остана без жени! Жените два дена ги нема на работа. И во наjголемата болница во земјава, во ГОБ „8 Септември“, попозната како Воена болница и која е под управа на АРМ, денеска речиси и да не може да се забележат вработени жени.

Објавено на

часот

Сподели

Мажите се на работните места, но нема со кого да споделат бакнеж или „гушка“. На располагање им се електронските пораки да пратат сликичка со цвеќе или со друг соодветен мотив, по повод Празникот на жената.

Упативме прашање до Генералштабот на Армијата дали е точно дека на жените во армијата и во болницата им се дадени слободни денови по повод 8 Март и, доколку е точно, врз основа на каков пропис, конечно и дали таквата одлука (односно наредба, бидејќи станува збор за војска) не се коси со интенцијата на жената за рамноправност и во работниот однос?

МКД.мк на прашањето доби потврден одговор од Генералштабот на Армијата дека жените имаат слободни денови со одлука на генералот – началникот на Генералштабот.

„Согласно одлука на началникот на Генералштабот и неговите надлежности, имајќи го предвид зголемениот интензитет на обврски во изминатиот период и направената проценка дека нема влијание врз нарушување на работниот процес во единиците, во чест на меѓународниот Ден на жената, припадничките на Армијата добија два слободни дена – на 7 и 8 Март“, се вели во одговорот за МКД.мк

Воедно, одговорот на нашето прашање е искористен за да се упати и јавна честитка преку МКД.мк како медиум до понежниот пол, кој рамо до рамо со мажите се грижи за безбедна Македонија.

„Генералштабот го честита празникот на сите припаднички на Армијата и на сите припаднички на понежниот пол кои секојдневно придонесуваат за ефикасноста на одбраната на државата“, напишаа од Генералштабот.

Од друга страна, денеска од пладне мошне се „живи“ скопските улици. Ширум македонската државна администрација жените доста порано си заминаа од работа благодарение на великодушноста на мажите министри, директори, управители, шефови…

Откако добија по некое цветче, или нешто козметика произведена во Македонија, или пак соодветно парфемче – брендче, или нешто четврто или десето веројатно согласно заслугите на работните места или согласно позицијата, жените фатија „штрафта“ кон дома. Намерата на надредените сигурно била на жените да им се покаже внимание,  не дека на жената „местото ѝ е дома“.

Па така списокот на внимателни раководители се протега од министерствата, преку МЕПСО, Пошта…

Некои внимателни раководители решија и да организираат честење ручеци и пијачки во кафеаните и кафулињата. И знае да биде весело и разиграно, a жените дури и подоцна да се вратат дома од планираното.

Повозрасните паметат дека во социјалистичка Македонија за 8 Март работата во работното време преминуваше во кафеани каде колешките и колегите добро ќе се нагостеа на сметка на претпријатијата, а знаеше да се заигра и по маси. Зумбулот беше главното цвеке во саксија, а во целофан како и денеска, розите и каранфилите.

Има од сето тоа и денеска во капиталистичка Македонија.

Самата идеја за Меѓународен ден на жената е социјалистичка. Денес овој ден нема политичка конотација.

Осми март е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите…борба за рамноправност и на работното место.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ