вторник, 22 октомври 2024

Аргументум.ал: Албанија стана сцена на бугарското историско злосторство врз Македонците

„Албанија стана сцена на „историско злосторство“, со создавање на бугарско малцинство… Бугарија е конкретен пример на држава која својата позиција во ЕУ и стремежот на Албанија и Македонија за зачленување во Унијата ги користи за своите историски апетити кои датираат од Санстефанска Бугарија, односно голема Бугарија“. Во оваа насока е анализата на Марјана Дода, уредничка на албанскиот портал Аргументум.ал во текстот под наслов „Ехото на иредентизмот и бугарското малцинство на Балканот“. „Асимилацијата на македонското малцинство и непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, конфликтот меѓу Република Македонија и Грција, ни покажува дека Северна Македонија се движи кон нејзино разнебитување како нација и како држава“, нагласува авторката на текстот.

Објавено на

часот

Сподели

Дода вели дека зад ваквиот „пробив“ на Бугарија на територијата на Албанија, виновно е македонското државно раководство со негрижата за своето малцинство, но таа додава дека апетитите на Бугарија одат и кон Косово и Србија, а дека во „етничката“ карта има и делови на Грција,

„Мора да се каже дека Бугарија и Албанија одржуваат дипломатски односи кои се карактеризираат со блиска соработка и пријателство. Сепак, Албанците не забораваат дека бугарското вето против Северна Македонија влијаеше и на блокирањето на напорите на Албанија за пристапување во Европската Унија“, вели авторката на текстот и додава дека ветото наметнато од Бугарија пред неколку години беше насочено кон барањето за вклучување на бугарско малцинство во Уставот на Македонија и дека токму тоа прашање сè уште претставува главна формална пречка за започнување на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Во анализата се потсетува како низ годините Бугарија го користеше своето членство во ЕУ за да го „шири“ бугарското малцинство низ регионот, со нагласка на Македонија, преку издавање на бугарски пасоши кои пак овозможуваат вработување во земји од ЕУ. Новинарката вели дека би верувала во добрите намери на Бугарија доколку таа земја би признавала постоење на малцинства во своите граници.

„Бугарските власти негираат какво било постоење на македонско малцинство во земјата, тврдејќи дека нема етнички разлики меѓу двете заедници, додека Скопје инсистира на присуство на ваква посебна заедница, за која се вели дека брои 750.000 Македонци“, се наведува во анализата и се нагласува дека иако не признава малцинства, Софија бара во друга држава, во Македонија, каде сите малцинства уживаат права, дури и во Уставот да се наведе бугарското малцинство. Оттаму, вели уредничката на Аргументум.ал, Бугарија бара бугарско малцинство и во Албанија, каде тоа не постои.

Новинарката Дода како асимилација ја дефинира големата разлика во бројки на македонското малцинство за сметка на новото бугарско малцинство создадено со пописот на населението во Албанија.

„Во Албанија моментално има 2.281 Македонци, додека во 2011 година се декларирани 5.512. Но за прв пат е регистрирано и бугарско малцинство и тоа со бројка од 7.057 Бугари. Тоа предизвика различни обвинувања и реакции за манипулација со податоците, со сомневања за мешање од бугарска страна во овој процес. Всушност, и пред и за време и по пописот во Албанија, амбасадата на Северна Македонија во Тирана и претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, изразија незадоволство од некои незаконски интервенции од бугарска страна при пописот на населението. Имаше и обвинувања за директен притисок врз граѓаните од македонското малцинство во Албанија. Но, сите овие поплаки наидоа на глуви уши. Сега бугарското малцинство во Албанија е факт“, пишува во текстот и се нагласува: „Официјално Скопје своите граѓани во Албанија ги остави на милост и немилост“.

Во анализата се потсетува на историски факти од времето на Цар Самоил и Сан стефанска Бугарија и се прави врска со амбициите на Софија денес, преку „европска“ грижа за малцинствата, своето влијание да го прошири преку создавање на бугарско малцинство покрај во Македонија и Албанија, и во Косово, па и во Србија, каде се бараат права за бугарското малцинство. Во Косово на удар се Гораните на кои им се нудат пасоши со амбиција да се побара внес на бугарско малцинство во Уставот на Косово. Истата шема е и за Србија, со потсетување дека бугарскиот претседател Румен Радев се заканил дека може да го забави патот на Србија кон ЕУ.

„Влијанието што го користат Бугарија и Грција ме тера на мисла дека се создава одредена православна линија која има за цел да ги заштити интересите на малцинствата на начин кој често се поврзува со геополитичките интереси на овие земји. Оваа линија може да создаде значителен јаз во Европа и да помогне во зајакнувањето на руското влијание во регионите во кои има православни малцинства или каде Русија има економски и стратегиски интерес“, вели уредничката Марјана Дода потсетувајќи дека е тоа истата линија за која има говорено рускиот претседател Владимир Путин.

Историската агенда Софија ја турка во името на Европа и гласот што Бугарија го има во европското семејство, се заклучува во текстот на Аргументум.ал.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ