Внесувањето на Украина во НАТО, откако Русија е принудена да се врати зад своите граници пред 2014 година, беше единствената стратешка цел што лидерите на ЕУ ја замислуваа од почетокот на руската инвазија пред три години. За жал, голем период пред повторниот избор на американскиот претседател Доналд Трамп, оваа цел „се лизна“ во доменот на неостварливото.
Прво, воената економија на рускиот претседател Владимир Путин се покажа како вистински божји дар за неговиот режим. Второ, дури и претходникот на Трамп, Џо Бајден, беше крајно неподготвен да се заложи за членство на Украина во НАТО и ја „шеташе“ оваа држава по „градинарска“ патека давајќи ѝ нејасни ветувања. Трето, во САД имаше силна двопартиска опозиција во однос на идејата војниците на НАТО да се борат заедно со Украинците.
Така што, имајќи ја предвид оваа вџашувачка лицемерност, големиот број на говори од типот „Путин е новиот Хитлер“ никогаш не резултираше со некаква конкретна посветеност за борба рамо до рамо со Украина – борба сè додека армијата на Путин не биде поразена на теренот. Наместо тоа, кукавичкиот Запад постојано им испраќаше оружје на исцрпените Украинци за да можат да го поразат „новиот Хитлер“ во нивно име – но тоа да го прават сами.
Неизбежно беше тоа што, и покрај валијантската борба од страна на украинските војници, кои се со недоволна бројност и кои немаат соодветно оружје, единствената стратешка цел на европските лидери се претвори во прашина – оваа реалност секако ќе станеше непобитен факт без оглед на тоа кој ќе победеше на американските претседателски избори минатиот ноември. Трамп само го искажа тоа на брутален начин, како одраз на неговиот долгогодишен презир не само кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, туку и кон самата ЕУ. И така, без никаков план Б, Европа, која беше ослабена од долготрајното економско назадување во период од две децении, сега мака мачи да одговори на политиката на Трамп кон Украина.
По потпишувањето на Минхенскиот договор во 1938 година, Винстон Черчил славно објави дека на Невил Чембрлен му бил „даден избор помеѓу војна и срам. Избравте срам и ќе имате војна“. Во својата желба да не ја повторат истата грешка, лидерите на ЕУ само ќе го повторат истото тоа нешто, но сега обратно: нивниот пристап за „војување сè до победа“ ќе му отстапи место за понижувачкиот мир што Трамп со посветеност ќе им го наметне ним и на владата на Зеленски, кога на крајот ќе дојдат да питачат.
Иако несомнено е точно дека Европа мора да се исправи пред предизвикот или да се распадне, прашањето кое се поставува е: Како да се исправи? Што навистина не е во ред со Европа? Што е она што најмногу ѝ недостасува на ЕУ?
Се мисли на верувањето дека Европејците не можат да го препознаат одговорот кој буквално ни е „плеснат“ во лице: на Европа ѝ недостигаат Министерство за финансии, еквивалентно на Стејт Департментот, и парламент кој ќе има овластување да го отфрли она што го донесува како нејзина влада (Европскиот совет). Уште полошо, сè уште не постои дискусија за тоа како да се премостат овие празнини во институционалната архитектура на Европа.
ЕУ отсекогаш била исплашена на почеток на секој мировен процес во Украина, токму затоа што тоа ќе ја разоткрие голотијата на блокот. Кој би ја претставувал Европа на преговарачката маса, дури и ако Трамп нè покани да бидеме дел од тој процес? Дури и ако Европската комисија и Советот би можеле да замавнат со магично стапче за да создадат една голема и добро вооружена армија на ЕУ, кој би имал демократски авторитет да ја испрати истата таа армија во војна за да убива и да биде убиена?
Уште повеќе, кој ќе може да наплати доволно данок за да се обезбеди постојана борбена готовност на армијата на ЕУ? Донесувањето одлуки во ЕУ на ниво на земјите членки значи дека никој нема демократски легитимитет да носи такви одлуки.
Кога Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, неодамна ја објави својата нова Иницијатива за повторно вооружување на Европа, наеднаш почнаа да навираат тажни сеќавања на некомпетентниот План на Јункер, Зелениот договор и на Планот за закрепнување. Повторно се расфрлаат со големи насловни личности, а на крајот ќе се сведе на нивна изложеност во јавноста со цел да бидат „голема врева за ништо“. Дали некој сериозно очекува дека Франција ќе го зголеми својот и онака неодржлив дефицит во јавните финансии за да може да го финансира оружјето?
Во отсуство на институции за воведување на воен кејнзијанизам, единствен начин на кој Европа може повторно да се вооружи е со префрлање на средства од нејзината распадната општествена и физичка инфраструктура, а тоа ќе значи дополнително слабеење на Европа која, пак, од своја страна, веќе ги жнее горчливите приноси од незадоволството на народот – а ова, за возврат, го поттикнува подемот на екстремно десничарските сили на целиот континент. И за што е сето ова? Дали некој верува дека Путин ќе може да биде одвратен од Европа која, можеби, ќе има уште неколку гранати и хаубици, но се оддалечува од перспективата на федералното управување кое е потребно да биде воспоставено за да може да решава за прашања поврзани со војна и мир?
Повторното вооружување на Европа нема да значи ништо во смисла на тоа Украина да може да ја добие војната. Сепак, речиси е сигурно дека таквиот чекор ќе ја втурне ЕУ уште подлабоко во нејзиното веќе постоечко економско назадување – што е основната причина за слабоста на Европа. За да може да ја обезбеди безбедноста на Европејците пред двојните предизвици што сега се поставуваат од Трамп и Путин, ЕУ е неопходно да започне со својот повеќестран процес наречен „Мир сега“ (Peace Now).
Најпрво, ЕУ мора целосно да ги отфрли предаторските намери на Трамп кој сака да ги зграпчи природните ресурси на Украина. Потоа, откако ќе ги отфрли изгледите за олабавување на санкциите и за враќање на замрзнатите средства во вредност од 300 милијарди долари (кои не можат истовремено да се користат и за пазарење и за обнова на Украина), ЕУ треба да започне преговори со Кремљ и да понуди можност за сеопфатен стратешки аранжман во кој Украина ќе биде она што беше Австрија за време на Студената војна – суверена, вооружена, неутрална и интегрирана со Западна Европа онака како што е тоа желба на нејзините граѓани.
Следно, наместо постојано „гледање преку нишан“ на две големи армии по должината на договорената граница, ЕУ треба да предложи демилитаризирана зона која ќе има длабочина од најмалку 500 километри од секоја страна, потоа право на враќање на сите раселени лица, договор во стилот на Договорот од Велики петок за управување со спорните области и Зелен нов договор за областите кои беа зафатени од воените судири а кој ќе биде ќе биде заеднички финансиран од ЕУ и Русија. Сите отворени прашања треба да се решат во рамки на преговорите што се одржуваат под покровителство на Обединетите нации.
На крајот, ЕУ треба да ги искористи можностите за ублажување на царините воведени на кинеските стоки (особено за зелената технологија) и на санкциите за извозот на технологија со цел да се отворат преговори со Кина од аспект на постигнување на нов безбедносен аранжман што ќе ги намали тензиите и ќе ги придобие Кинезите кон целта – заштита на суверенитетот на Украина.
Ако навистина сакаме да ја зајакнеме Европа, прв чекор во таа насока не е нејзиното повторно вооружување. Наместо тоа, потребно е да се создаде демократска унија која, доколку не би постела, би продолжило стагнирањето и еродирањето на европските капацитети а што, од своја страна, ќе ја оневозможи Европа да го обнови она што ќе остане од Украина откако Владимир Путин ќе заврши со неа.
Јанис Варуфакис
(Преземено од Республика)