Според партијата, нивната интерпелација е важен чекор за заштита на единството, еднаквоста и стабилноста на Македонија.
„Стоилковиќ, верен поддржувач на ‘српскиот свет’ и докажан проруско-путински приврзаник, одамна се истакнува во поткопувањето на интегритетот и независноста на Македонија. Тој промовира странски агенди кои го дестабилизираат регионот и ги загрозуваат нашите напори за одржлива и еднаква иднина. Неговата политика е обид за поделба и ослабување на државата, при што интересите на други земји се ставаат пред оние на граѓаните на Македонија. Нашата иницијатива за негово разрешување не е само противење кон него како поединец, туку неопходен чекор за заштита на Македонија од политики што го поткопуваат единството и стабилноста. Не можеме да дозволиме човек кој претставува странски агенди и кој институционално ги нарушува меѓуетничките односи и нашите меѓународни односи да продолжи да управува со толку важен сектор за нашата иднина“, наведуваат од ДУИ.
Од друга страна, иницијативата за разрешување на Меџити има уште подлабока цел, потенцираат од опозициската партија, која поднесе интерпелации за тројца министри и еден заменик министер.
„Овој чекор не е само критика кон него, туку можност да го спасиме од ризикот да стане олицетворение на истата политика, едноставно на пат е да стане ‘другата страна на истата монета’ што ја претставува Стоилковиќ. Со овој предлог за недоверба сакаме да му дадеме можност на Меџити да се дистанцира од својот колега Стоилковиќ и другите кои им служат на странските интереси, ставајќи ја личната моќ пред општото добро. ДУИ го презеде овој чекор за да го спаси Меџити од опасноста конечно да стане дел од политиките што ја оддалечуваат Македонија од патот кон еднаква и стабилна држава. Веруваме дека сега е моментот да се стави крај на обидите, дури и со помош однадвор, кои имаат за цел да ја нарушат политичката и меѓуетничката стабилност на земјата – стабилност која е постигната со многу труд, жртви и компромиси“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Од партијата порачуваат дека игнорирањето на оваа иницијатива може дополнително да ги продлабочи поделбите и да го одложи деблокирањето на процесот за европска интеграција на земјата.