Саудиска Арабија сака да се промовира преку фудбалот па не се штедат пари за привлекување на фудбалските ѕвезди од Европа.
Кристијано Роналдо беше првото звучно име кое прифати да се пресели на Средниот Исток, а за ваква авантура се одлучи и Карим Бензема.
Уште десетина звучни имиња се на листата со желби, а новинарот Фабрицио Романо објави дека емисари од Саудиска Арабија во Лондон ќе имаат средба со Нголо Канте.
Пред неколку месеци се чинеше дека Французинот ќе продолжи во Челси, но потпис на нов договор не беше ставен, па фудбалерот од средниот ред сега добива примамлива понуда.
Како што пренесува Романо, со помош на имиџ правата и спонзорските договори, платата на Нголо Канте може да достигне и до 100 милиони евра по сезона.
Ал Итихад и Ал Наср се посочуваат како клубовите во кои Французинот може да ја продолжи кариерата.