На фејсбук-профилот на фондацијата објавен е повик до „Бугарите во Северна Македонија: „Според новиот закон, можете да го ажурирате изводот на родените и да напишете националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ви даде можност со сигурност да добиете бугарско државјанство, но треба да напишете бугарска припадност во изводот на родените и со сигурност да добиете бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Вадете масовно вакви документи од С. Македонија, во кои ќе пишува националност бугарска. Чини 250 денари“.
Со донесеното Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на одржување, заштита и чување на матични книги и документација кое го направи Министерството за правда отсега во изводите од матичните книги има и графа за етничката припадност, односно националност.
Министерот за правда Кренар Лога оваа измена ја образложува со тоа дека вака ќе се избегнат можните злоупотреби на етничката припадност во постапката при вработување според етничкиот балансер.
Но, бугарската фондација во ова гледа поинаква шанса.
Без разлика на мотивацијата, оваа измена е противуставна, етничката припадност е лично чувство, а и според ЕУ регулативата забрането е споделувањето на лични податоци како расна и етничка припадност, како и политичка и верска припадност. Левица веќе поднесе иницијатива до Уставниот суд и го оспори внесувањето етничка припадност во изводите, како противуставен потег, кој е спротивен на европските практики.