сабота, 27 јули 2024
Обраќање во Собранието

Апасиев: Не сте вмровци ако не ја збиберите, Касами е избран за пратеник, Тетово треба да избира градоначалник

„Како професор по право кој не бил асистент на сопствениот татко го проблематизирам извештајот на Верификациската комисија. Не сте вмровци ако не ја збиберите од почеток“, рече лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев во обраќање по извештајот на комисијата, наведувајќи дека не може Биљал Касами со изјава сега да се откаже од пратеничкиот мандат заведен во извештајот на ДИК. „Верификациската комисија не може да му ја прифати изјавата за откажување без да му го верификува мандатот. Тој се откажал откако му кажале дека ако е избран за пратеник ја губи градоначалничката функција“, рече Апасиев.

Фото: Пратеничката група на Левица - Фејсбук

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот на ДИК не соодвествува со извештајот на претседателката на комисијата Дафина Стојановска, рече Апасиев.

„Немате ниту уставно, ниту законско ниту пак деловничко право да го поднесете ваков извештајот. Левица беше првата партија која побара овој институт да не постои затоа што е тоа оставштина од социјализмот, кога немаше парламентарна демократија. Но овој деловник го шверцувавте со ДУИ“, рече лидерот на Левица.

Тој се осврна на мандатот на Биљал Касами, градоналник на Тетово, кој се откажа да биде пратеник.

„Како оди процедурата? Кој сака да стане пратеник се кандидира до ДИК. Има образец на ДИК каде се дава изјава за прифаќање на пратеничкиот мандат. Има битен детаљ. Изјавата е неотповиклива. Значи до моментот на верификација на мандатот, не може да се откажете од него. Следно е уверението што ДИК му го даде на секој од нас тука, каде се вели дека ‘тој и тој’ е избран. ‘Дечкото’ Касами си го зел уверението па правници му кажале дека со тоа му завршува градоначалничкиот мандат. И сега, заради тоа, како во времето на ‘Таљо’ измислувате ‘ново право’ кое не постои. И, ‘дечкото’ Касами ни дава изјава и вели дека ‘поради укажаната потреба (која потреба, кој го терал да се кандидира!?) јас, Биљал Касами, се откажувам од пратеничкиот мандат’. Во извештајот на ДИК стои името на Касами. И сега ние правниците се прашуваме: Како можеш да се откажеш од нешто што го немаш? Немаш  мандат за да се откажеш. Во член 13 се вели дека мандатот се стекнува врз основа на извештајот на ДИК верификуван од Верификациската комисија во која се дваца вмровци, а требаше еден, еден да е од Левица, и му поднесува на Собранието писмен извештај, предлог на Верификациската комисија врз основа на извештајот на ДИК, каде стои името на Касами, а не врз основа на изјава, почитувана Дафина Стојановска, претседателке на Верификациската комисија“, рече Апасиев.

Тој додаде дека Верификациската комисија има право да го оспори мандатот, а не тоа да го стори самиот Касами. Апасиев нагласи дека во извештајот на ДИК е заведен мандат на Касами.

„Тоа значи дека сега треба да има избори за градоначалник на Тетово“, рече Апасиев.

Тој додаде дека е децидно наведено како престанува мандатот, само според Устав, закон и Деловник, а не, како што додаде Апасиев, „како ќе ви текне, Дафина“.

Значи, додаде Апасиев, Касами може да поднесе оставка од пратеничката функција лично на седница на Собранието. Но, го нема човекот тука.

„Собранието потоа без претрес констатира дека му престанал мандатот, а не вие, Дафина. Вие ја пречекоривте службената положба. Која сте вие и петчлената комисија која констатира и нас ни кажува дека на Касами му престанал мандатот зашто прво сакал да биде пратеник, а потоа се пишманил. Зошто како ‘Таљо’ самите констатирате, а не овој пленум. Барам одговори“, рече Апасиев.

Одговор на дискусијата Апасиев не доби. Се пристапи кон гласање на извештајот на Верификациската комисија, кој потоа беше усвоен.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ