петок, 26 јули 2024

Апанажата на Ковачевски и Спасовски е незаконска, Левица ќе поднесе кривична пријава против Георгиевска

На поранешниот премиер Димитар Ковачевски и на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски незаконски им е доделена апанажа затоа што Уставниот суд на 1 март 2023 година укина дел од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери како спротивен на владеењето на правото. Поради ова од партијата Левица најавија кривична пријава против претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања, Марија Георгиевска.

Објавено на

часот

Сподели

Собраниската комисијата за прашања на изборите и именувањата не можела да им одобори апанажа на поранешниот премиер Димитар Ковачевски и на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски затоа што според закон такво право не им следува затоа што Уставниот суд на 1 март 2023 година укина дел од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери што го регулира правото на апанажа на функционерите.

Уставен ја укина апанажата, не е надлежен да одлучува по конкретни случаи

На прашањето дали апанажата на Ковачевски и Спасовски е законска, од Уставниот суд за МКД.мк кусо одговрија дека немаат надлежност да одлучуваат по конкретни случаи.

„Уставниот суд ја оценуваше уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери, но не одлучува за конкретни случаи  за коишто прашувате, од причина што не е во негова надлежност“, велат во одговорот од Уставниот суд.

Според член 22 до март минатата година со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери се предвидуваше дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права како и другите функционери кои не поднеле оставка или не биле разрешени.

Но Уставниот суд на 1 март 2023 година го укина овој дел од законот затоа што оцени дека е спротивен на владеењето на правото.

„При градењето на својот став, за Уставниот суд беше појдовно тоа што законодавецот неспорно има овластување да го уреди прашањето за материјалниот статус на избраните, именуваните и назначени вршители на јавни функции, вклучително и прашањата за материјалните права по престанок на мандатот. Меѓутоа, ова право не е апсолутно и неограничено, туку со пропишувањето на условите за стекнување на материјалните права и нивната содржина, мора да биде остварена легитимна цел, истата да е пропорционална и да не е во корист на приватниот интерес, што не е случај со оспорената одредба. Според Судот, во вакви случаи не постои никакво легитимно оправдување за постоење материјални права коишто можат да се користат по престанокот на функцијата, како што е пропишано со член 22 од Законот. Според Судот, ваквото целокупно нормирање во оспорената одредба не само што нема легитимна цел, туку е непропорционално и исклучиво во корист на приватниот интерес на одредена група вршители на јавни функции од каде не може да се смета дека е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, пишува во одлуката на Уставниот суд.

Политичката партија Левица минатиот четврток најави дека доколку собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата не ја ревидира одлуката тогаш во рок од 3 дена, партијата ќе поднесе „соодветни поднесоци до надлежните органи за утврдување на одговорност за своето работење на сите присутни членови, кои одлучувале по спорната точка“.

Денеска пак од Левица за МКД.мк велат дека ги разгледуваат сите опции за покренување постапки за одговорност на членовите на комисијата.

„Ги разгледуваме сите опции за покренување одговорност но она што е скоро извесно е дека ќе поднесме кривична пријава против претседателкат на Комисјата, Марија Георгиевска“, велат од Левица за МКД.мк.

А на веб страницата на Собранието и 20 дена по одржувањето на седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата освен Дневниот ред на кој ја нема точката за барањата за апанажа, ги нема донесените одлуки ниту го има записникот од одржаната седница за да може да се види дали комисијата одлучувала за апанажите и ако одлучувала кое е обрзложението врз основа на кое оваа комисија одлучила да им додели апанажа на Ковачевски и Спасовски.

На 25 јануари годинава Ковачевски поднесе оставка од функцијата премиер за да биде формирана техничката  Влада.

Каде после функцијата, прашање што сите го отвораат, никој не го затворил

Прашањето за апанажа на функционерите станува актуелно после секои избори, а во политичката пракса на Македонија има најразлични примери како функционерите го искористиле или не го искористиле ова право.

Така поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ по завршувањето на нејзиниот мандат поради кризата но и, како што изјави тогаш, етички причини во 2020 година се откажа од правото за апанажа.

Праксата познава и пример кога собраниската Комисија за избори и именувања одбила барање за користење апанажа. Така во 2019 година поранешната специјална обвинителка Катица Јанева од притвор во Шутка испрати барање да ѝ се одреди апанажа но Собранието ѝ го одби барањето со образложение дека од формално правен аспект не постојат причини за прифаќање на барањето, затоа што таа не е избрана од Собранието туку е само предложена да биде на чело на поранешното СЈО. Дополнително причина за одбивањето беше и тоа што Јанева тогаш беше осомничена, а потоа и осудена во случајот „Рекет“.

Во 2017 година пак, тогашниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски му скратил на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски 20.148 денари од апанажата за јуни, јули и август затоа што за толку пари го пречекорил лимитот на службениот мобилен телефон во мај и во април2016 година, пред да ја напушти функцијата. Рашковски им скратил и на поранешните ексминистри без ресор, во владите на Никола Груевски и на Емил Димитриев, Горан Мицковски, Џери Наумоф, Веле Самак и Бил Павлески како и на  поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски со истото обраложение, го пречекорил ограничувањето на сметката на службениот телефон за оваа сума.

Што после завршувањето на функционерската кариера е прашање што не е ново но досега никој не нашол решение за тоа.

Последен пат ова прашање беше актуелизирано од поранешниот премиер Зоран Заев. Неговата идеја беше поранешните пратеници да бидат вработувани во јавната администрација но оваа идеја остана само идеја.

Правото на користење апанажа се применува во сите западни земји. Смислата на апанажата е функционерите на кои им истекол мандатот да не бидат подложни на мито и корупција во процесот на одлучување додека се на функција, да се чувствуваат безбедно дека ако се спротивстават на разни лоби групи дека нема да бидат оставени на улица по завршување на мандатот.

Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ