Во разговорот Аргир истакна дека вината што немаме добро развиена инфраструктура треба да ја бараме во нас самите. Според него, ако имаме добро развиена инфраструктура, ќе има побрза достапност до тоа што е потребно и нема да има причини за иселување на населението, особено од помалите места.
Во поткастот Аргир зборува за својот престој во Словенија, како член на Управниот одбор на групацијата НЛБ одговорен за управувањето, плаќањата и за иновациите во неа. Тој направи споредба со нашиот народ и истакна дека сме блиски народи кои немале кралства и кои биле под други поголеми империи – Турската империја и Австроунгарија. Разликата ја гледа во тоа што тие се вреден, работлив и дисциплиниран народ.
Во продолжение на поткастот во фокусот е банкарското работење. Според Аргир, поголема е одговорноста кога се работи со туѓи, отколку со сопствени пари, а за него банкарството е еден од столбовите на стабилност на државата, иако постои негативно гледиште за него.
„Банкарството е еден од столбовите на стабилност на нашата држава, не само финансиски, туку генерално – бидејќи банките, вклучувајќи ја и Народната банка, одиграа клучна улога во многу кризи – од конфликтот на Косово, преку конфликтот што го имавме кај нас дома, па сѐ до финансиската криза и политичките кризи. Улогата на банкарството во Македонија е многу значајна“, потенцираше Антонио Аргир.
Прашан за преголемата регулираност што ја имаат банките, што го отежнува работењето на компаниите, Аргир истакна дека таа регулираност е резултат на светската финансиска криза што се случи пред неколку години. Регулацијата го направи банкарството потранспарентно, посигурно, поотпорно и поодржливо. Според него, проблемот настанал кога се воведувале новите стандарди, а клиентите не се подготвени за таков пристап.
Во поткастот се зборуваше и за професионалниот напредок на Аргир во НЛБ банка АД Скопје, кој започнал како службеник за долгорочни и инвестициски кредити, преку помошник-директор на Деловниот сектор до член на Управниот одбор на Банката. Во 2016 година, како резултат на неговите лидерски способности и на разбирањето на локалниот и на регионалниот пазар, ја презел функцијата претседател на Управниот одбор и главен извршен директор на НЛБ банка Скопје. За време на неговите два последователни мандати акцијата на банката пораснала пет пати за период од шест години, а брендот НЛБ е препознаен како најдобар и најиновативен банкарски бренд на македонскиот пазар.
Истовремено, тој учествувал во големи стратешки проекти на државата, а неговиот успех се должи на неколку клучни работи: визијата што ја поставил, јасната цел за нејзино остварување, тимот со кој работи, финансиските ресурси, но и желбата и енергијата за успех, кои ги црпи од тимот со кој работи и од клиентите за кои работи.