Шпанскиот автор Елој Морено на 8 февруари го собори Гинисовиот рекорд за најмногу потпишани книги, а романот „Невидлив“ е на тема врсничко насилство. Италијанската писателка Паола Перети пак самата страда од Старгардова болест, што означува постепено губење на видот до целосно слепило. Минатата година таа беше гостинка на јубилејното издание на фестивалот Бук стар. Нивните дела сега се достапни и на Брајово писмо во Националната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски – Скопје, Градската библиотека Браќа Миладиновци, како и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов – Скопје, соопшптуваат од Антолог.
Книгите се изработени на Брајово писмо во соработка со Здружението на слепи лица на Општина Велес, Брајова библиотека Ратко Пајдаков – Велес, а поради нивната обемност двете публикувани се публикувани во два тома. Антолог верува дека книгите не се привилегија, туку граѓанско право. Вистинската вредност на литературата се мери со нејзината достапност – со можноста секој читател, без разлика на предизвиците, да може да ја почувствува моќта на зборот. Со оваа акција правиме чекор поблизу до свет во кој никој нема да биде исклучен од магијата на раскажаните приказни.
Антолог ја спроведува акцијата „Секој збор заслужува да биде прочитан!“, во рамки на која се донираат книги на Брајово писмо во библиотеките и институциите што работат со лица со оштетен вид.
Книгите на Брајово писмо претставуваат суштинска алатка за едукација, културен развој и лична надградба на лицата со оштетен вид. Изработени со специјални релјефни точки што можат да се читаат со допир, тие им овозможуваат на корисниците подеднакво да уживаат во литературата, стекнувајќи знаење и инспирација. Процесот на нивна изработка бара прецизност и посветеност, со цел да се обезбеди јасност и квалитет на печатот, што е од клучно значење за лесно читање, наведуваат од Антолог.