На денешната седница на Судскиот совет, Димовска изјави дека не размислува да се повлече и да даде оставка од членството во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители по дописот од ДКСК за наводен судир на интереси, бидејќи смета дека не е повреден законот и нема судир на интереси.
„Доколку имав судир на интереси, доколку имаше забрана за мое членување, овде може да дискутираме дали сум јас судија или не. Јас сум судија, но во мирување, а никаде во законот нема забрана дека судија кому му е во мирување функцијата, не може да биде член на УО. Досегашната пракса да членуваат судии кои биле членови на Судскиот совет и на УО, тоа го потврдува. Принципиелно не се повлекувам, затоа што одговорно тврдам пред јавноста дека немам никаков судир на интереси. Можеби таму има некои членови кои имаат судир на интереси, тоа е нивна работа. Немам дете кое ми е во Академијата, немам никаква причина да не бидам член. Судија сум и за разлика од членовите кои што не се судии, мојот мандат во ова тело ќе престане во оној момент кога ќе направам 64 години возраст, ако биде актуелен сè уште овој закон“, рече Димовска.
Таа одговорот го даде на прашање од членот на Судскиот совет, Селим Адеми дали размислува да се повлече и да даде оставка од Управниот одбор на Академијата, по дописот од ДКСК, откако претходно оставка од УО во Академијата даде Ханив Зендели.
Според Димовска, зошто колегата Ханив се повлекол е негова лична одлука, но, вели, не треба да навлегуваат во нејзините причини, затоа што не го прекршила законот.
„Доколку сметате дека треба да ме отповикате, тоа е ваше право. Доколку сметате дека треба да сум отповикана, ставете ја како точка на дневен ред, но јас лично сметам и тврдам дека нема причина“, подвлече судијката Димовска.
Судијата Александар Камбовски изјави дека очекувал двајцата членови од Судскиот совет да се повлечат од УО на Академијата. Според него, не станува збор за прекршување или за судир на интереси, оти тоа го констатирале, но оти со повлекувањето само на едниот член, смета дека ќе се прати порака за неединственост во Судскиот совет, односно дека некои членови сметаат дека постои прекршување или судир на интереси, а други дека не постои.
Судијката Весна Дамева, пак, кажа дека оставката на Зендели, на минатата седница била прифатена и оти таа се смета за личен чин, и оти не е поради незаконитост или слично.
Во попладневниот дел од денешната седница, Судскиот совет го избра Али Алију, судија од Апелациониот суд Гостивар, за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За оваа функција беше номинирана и судијката Емине Мурати, исто така од подрачјето на Апелациониот суд Гостивар, но Алиу беше изгласан со повеќе гласови, бидејќи, како што беше кажано, тој има подолг стаж во овој суд, додека судијката Мурати, од неодамна била избрана за судија на Апелациониот суд Гостивар.
Попладнево Судскиот совет ја заокружи расправата по преостанатите претставки и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите. Во Комисијата за сајбер криминал, Судскиот совет денеска ги назначи Џенета Бектович и Алаксандар Камбовски како судии кривичари, да учествуваат во оваа комисија, а Данка Ристова и Ханив Зендели беа назначени за негови претставници во Меѓуресорска работна група за водење финансиска истрага и конфискација на имот.