„Сите предмети на ДКСК се уредно и согласно законите елаборирани и доставени до надлежните институции. Непостапувањето на другите институции не е одговорност на ДКСК затоа што согласно нашите законски
надлежности и ингеренции немаме механизми за да влијаееме на нивната работа и динамика на постапување. Неопходно е во интерес на граѓаните и во интерес на напредокот на решавање на случаите на корупција заеднички сите надлежни тела да ги насочат своите капацитети со иста цел, наместо неосновано да се напаѓа работата на ДКСК.
Доброто владеење, меѓудругото, подразбира соработка и поттикнување на институциите да работат одговорно, отчетно и транспарентно со воспоставени силни контролни системи и механизми. Сите иницијативи и препораки на ДКСК се упатени во таа насока“, се вели во реакцијата.
Стејт департментот во вторникот го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.
„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, на тој начин нанесувајќи штета на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зацврстување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Во соопштението се наведува дека оваа одлука ја „реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.
Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко.