сабота, 27 јули 2024

Анкетите предвидуваат победа на Ле Пен на француските предвремени избори

Крајно десната партија Национален собир ќе биде победник на предвремените избори во Франција, но таа партија не би требало да има апсолутно мнозинство, според првите анкети по шокантната одлука на претседателот Емануел Макрон да го распушти парламентот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По големиот пораз на партијата Ренесанса на изборите за Европскиот парламент, Макрон најави предвремени избори за долниот дом на парламентот, кои треба да се одржат на 30 јуни, за помалку од три недели, додека вториот круг е предвиден за 7 јули.

Антиемигрантската, евроскептична партија на политичарката Марин ле Пен, Национален собир (РН), би освоила 235 до 265 места во парламентот, што е голем скок од моменталните 88, но помалку од 289 колку што е потребно за апсолутно мнозинство, според анкетата на Толуна Харис интерактив.

Би можел да се преполови центристичкиот сојуз на Макрон, од 250 на 125 до 155, според анкетата. Левичарските партии би можеле да контролираат 115 до 145 места.

Не е сигурно дали РН би ја водела владата, со или без сојуз со други партии. Другите сценарија вклучуваат широк спектар коалиции на „мејнстрим“ партиите, или целосно нестабилен парламент.

Шокантната одлука на Макрон ѝ нуди на популарната крајна десница реална можност за доаѓање на власт. Веднаш по најавата на Макрон дојде до пад на еврото, уривање на француските акции и државните обврзници.

РН освои 31,4 отсто од гласовите за Европскиот парламент, додека коалицијата на Ренесанса освои 14,6 отсто.

Дури и ако РН освои мнозинство во францускиот парламент, Макрон би останал на претседателската функција уште три години и понатаму под своја контрола би ги имал одбраната и надворешната политика.

Меѓутоа, би ја изгубил контролата над внатрешните прашања како економската политика, безбедноста, миграциите и финансиите, што би влијаело на други политики, како помошта на Украина, бидејќи би требала поддршка од владата за финансирање каква било помош од францускиот буџет.

За Ле Пен, предизвик е популарноста да се преточи во победа. На гласањето веројатно ќе влијаат не само незадоволството од стилот на владеење на Макрон, трошоците за живот и имигрантската политика, но прашањето е дали може да ѝ се верува на РН да води една голема европска влада.

Меѓу своите политики РН предлага поголемо јавно трошење, и покрај високиот француски долг, заканувајќи се со тоа со понатамошно зголемување на каматните стапки во банките.

РН сака да депортира повеќе мигранти, да го сопре спојувањето на семејствата, да ги ограничи детските додатоци за француските граѓани, да им даде на француските граѓани предност при пристапот до социјалните станови и работните места и да ја укине дозволата за престој за мигрантите кои се без работа повеќе од една година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ