сабота, 25 мај 2024

Анкетата на МКД.мк и Маркет вижн во милиметар го предвиде резултатот од претседателските избори

На 1 април МКД.мк го објави истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Маркет вижн за првиот круг од претседателските избори. И ова истражување, како и истражувањата кои МКД.мк и Маркет вижн веќе неколку години по ред ги спроведуваат, покажа дека е најблиску до резултатот. Политичари од власта, портпароли, како и тогашниот премиер Димитар Ковачевски, коментираа дека се работи за анкета правена во партиски штаб. Најдобриот демант за ова е споредбата на резултатите од анкетата сo резултатите од првиот круг од претседателските избори.

Објавено на

часот

Сподели

Анкетата на Маркет вижн и на МКД.мк покажа дека соодносот меѓу Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски ќе биде 2:1. Тоа и се случи – Сиљановска Давкова освои двојно повеќе гласови од Пендаровски. На трето место и според анкетата и според резултатите од првиот круг е Бујар Османи, па следуваат Максим Димитриевски и Арбен Таравари, а по нив Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски. Такви беа резултатите од анкетата, а такви се и резултатите на Државната изборна комисија по првиот круг од претседателските избори.

Николина Стојановска, управителката на Маркет вижн, вели дека за бројните обвинувања и сомневања и од политичарите и од т.н. експерти подобар одговор нема од споредбата на анкетите со резултатите од изборите.

„Веќе неколку избори имаме најточни резултати. Ова не е случајно. Точна анкета бара ресурси, посветеност и затоа секогаш чини повеќе. Нашите анкети неретко се поскапи, може да траат и некој ден повеќе, но тоа е неопходно за поголема точност. Последната наша анкета за МКД.мк, споредена со резултатите од изборите, поконкретно со важечките гласови покажува точност со минимални отстапувања во рамки на статистичката грешка од 3% што може да се види од приложениот слајд.

Многу аналитичари се занимаваат со проценти, но притоа не обрнуваат внимание на најважниот показател, а тоа е соодносот на гласовите меѓу кандидатите. Соодносот ја дава најреалната слика. Процентите меѓу различни анкети се неспоредливи бидејќи во секоја анкета има голем број испитаници кои не се изјаснуваат, не знаат за кого ќе гласаат…, а вкупниот број на вакви одговори во секоја анкета е различен. Ако го погледнете распоредот на нашите резултати ќе видите дека е речиси еднаков со резултатите од ДИК.

Важно е да се нагласи и моментот дека Маркет вижн не е агенција специјализирана за политички анкети. Ние сме експерти за бизнис, истражувања за брендови, финансии, и инвестициски проекти. За жал, недостатокот од вакви проекти во последните години ни ослободи време да работиме и ваков тип на анкети. Интересно е да се спомене дека многу странски институции и невладини организации, чија цел е унапредување на политичкиот систем, кои редовно прават и објавуваат анкети, многу пати нѐ поканиле да учествуваме на нивни тендери, но никогаш не нѐ ангажирале. Тука се поставува прашањето која е целта на тие анкети ако не ја одбирате агенцијата која со години се покажала како најточна“, вели во изјавата за МКД.мк Николина Стојановска.

За декемвриската анкета на МКД.мк и Маркет вижн премиерот Димитар Ковачевски изјави дека била пишувана во партиски штаб. По оваа негова изјава МКД.мк и Маркет вижн,  соопштија дека бараат премиерот да ја повлече изјавата и да се извини. Тоа, се разбира, не беше сторено.

Најдобар демант на ваквите изјави се резултатите од неколкутте изборни циклуси во последните години. Резултатите на сите овие истражувања на јавното мислење и конечните резултати на парламентарните, претседателските или локалните избори во последната деценија се разликуваа во милиметри. Од ПР аспект јасна е потребата на политичарите и на партиските експерти во една таква ситуација да се обидуваат да глумат самоувереност и да шират оптимизам за потребите на неговото членство. На ова, сите нив ќе ги потсетиме повторно по 8 мај, кога ќе завршат и парламентарните и претседателските избори.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ