Приближно две третини или 60,5% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена. Додека од оние кои се изјасниле, во Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, доверба имаат 12%, во Димитар Ковачевски 6,1%, Али Ахмети 5,9%, во Димитар Апасиев 3,7%, во Никола Груевски 2,9% од испитаниците…
За разлика од анкетата во февруари, Мицкоски има благ раст (од 11% на 12%) во популарноста меѓу гласачите, а Ковачевски пад – од 8,2 на 6,1 отсто. Раст во овој период бележи и популарноста на Ахмети – од 5,1 на 5,9 отсто.
Интересно е и тоа што поранешниот лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села има поголем рејтинг (1,2%) од актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари (0,9%). Освен тоа, на оваа анкета за првпат се појавува и името на Максим Димитровски (1,0%), градоначалник на Куманово кој најавува основање на ново политичко движење.
Ако се соберат процентите на популарноста на партиите на Албанците во Македонија (ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и ДПА) таа бројка е многу поголема од рејтингот на СДСМ (16:11).
Споредено со февруарската анкета, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст за нешто повеќе од еден процент, СДСМ пад за 0,9%, популарноста на ДУИ, Левица и Беса растат…
Повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори.
Дали според вас формирањето на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија и дали мислите дека коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би можела да функционира успешно?
Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно. За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.
Според етничката припадност за ВМРО-ДПМНЕ освен Македонците би гласале и Србите и Турците и Ромите и Власите…, но не и Албанциуте.
За СДСМ освен Македонците, би гласале и Албанци и Роми и Срби и Турци.
Анкетирањето беше спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
А.Д.