сабота, 4 јануари 2025

Анѓушев: Работиме на енергетски решенија кои ќе се бараат после пет години

2025 година поради состојбата во Европа ќе биде тешка за Македонија и македонската економија и за сите компании кои се врзани со европскиот пазар заради тоа што во Европа, за жал, станува рецесија во индустријата и голем број компании ја намалуваат својата активност од разни причини. Во Македонија, на долг рок може да издржи индустрија која ќе прави производи со додадена вредност и производи со доволно голем квалитет за да може да се спротивстави на целиот свет, вели сопственикот и генерален директор на Феро Инвест и Брако, Кочо Анѓушев, во интервјуто за македонското издание на лондонскиот магазин Економист-Светот во 2025 година.

Објавено на

часот

Сподели

Прашан како влијаеја инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфлитки во 2024 година врз неговите компании, Анѓушев вели дека Феро Инвест се занимава со две главни дејности, едната е метална индустрија , другата е енергетика, и во двете дејности влијанието било различно, но најмногу негативно влијание се почувствувало во металната индустрија односно во фабриката Брако која е извозно ориентирана и тоа над 95 отсто од своето производство.

„Се почувствува дека во Европа економијата е значително забавена посебно во металната индустрија, машини, автоматизација, дека инвеститорите се многу воздржани така што наши клиенти кои се со генерации големи и познати фирми , нивната продажба се намали и над 50 отсто во споредба со претходни години, а со тоа и нивните нарачки кон нас. Ние тоа се обидовме да го компензираме со зголемување на продажбата на возилата и да влегуваме на што повеќе пазари. Но, сѐ на сѐ, успеваме да се справиме со предизвиците поради тоа што имаме дисперзирани производи, голем број на производи, различни производи,учество на голем број пазари, Брако извезува во 60 држави, и на тој начин успеавме да одржиме континуитет во производството и овие услови да ги преживееме“, вели Анѓушев.

Со огелд на тоа што традиционалните европски пазари забавуваат, Анѓушев потенцијалите за поголем извоз ги гледа кон пазарите кои можат да купат.

„Брако со возилата за чистење, Грин машинс претходната година влезе на два пазари што не се традиционални за македонската економија. Тоа е пазарот во Мексико, која е земја во развој, земја каде се пресели голем дел од производството од САД и од Канада. Исто така, Саудиска Арабија. Во главниот град Ријад продадовме над 40 возила.Тука се и Индонезија, Тајланд…“, посочува Анѓушев.

За да се одржи приматот во областа на енергетиката и технолошките решенија, Анѓушев вели дека секогаш треба се комбинираат знаењето и страста за иновации, а многу важно е, вели тој, да се согледа големата слика.

„Јас сум инженер, и во мојата работа секогаш го комбинирам инженерско знаење, мојата страст за иновации и страст да изнаоѓам нови решенија, и многу важно-ја согледувам големата слика, бидејќи ништо не важи само за една земја, особено во енергетиката. Таа е работа која што е, јас би рекол, и континентална, зборувам за Европа, и во таа смисла морате да можете да ги предвидите трендовите. Ние уште пред две години почнавме да работиме на батериските системи кои што сега стануваат актуелни. А уште од сега најавуваме дека во иднина, во следните 5 – 6 години ќе треба да се размислува на интегрирани, вертикални, компактни енергетски решенија. Да речеме на закуп на складирање, закуп на фотоволтаици, на виртуелни производители, виртуелни електрани, сето тоа може да звучи малку апстрактно, но ние во Фероинвест сме поприлично сигурни дека работата ќе оди во тој правец“, потенцира Анѓушев.

Зборувајќи за најновите проекти на Феро Инвест поврзани со обновливите извори на енергија, Анѓушев објаснува дека се работи на батериските системи за складирање на електрична енергија, и тоа на четири нивоа.

„Едно ниво за домаќинства, оние домаќинства кои што трошат во четвртата група каде цените се највисоки, а тоа се поголеми куќи, поголеми објекти. Втората група се фабрики, кои што имаат поставени фотоволтаици, или пак сѐ уште немаат, но тие својата потрошувачка на електрична енергија ја оптимираат по цена и количина. Понатаму, фотоволтаични електрани изградени на земја, па да се надградат со батериски системи, или веднаш новите електрани што се градат да се изведуваат веќе со батериски системи во нив, и тоа е третата група. И последно, да се прават само сториџи, односно клиентот да прави енергетски сториџ (склад) за свои потреби. Последните две ќе ги почекаат законските решенија за да можат да се градат во Македонија“, вели во интервјуото за македонското издание на лондонскиот магазин Економист-Светот во 2025 година, сопственикот и генерален директор на Феро Инвест и Брако, Кочо Анѓушев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ