На средбата беше посочено дека Народната банка низ годините има преземено повеќе крупни чекори кон зголемување на финансиската вклученост и едукација, меѓу кои би можеле да се издвојат првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, поставувањето на финансиската писменост и вклученост помеѓу стратегиските цели на Народната банка, како и основањето посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација во рамките на Народната банка.
Од годинава Народната банка се придружи кон АФИ, којашто е мрежа на централни банки и финансиски регулатори чија цел е да се унапреди финансиската вклученост. Во изминатиот период се постигнати видливи подобрувања во финансиската вклученост кај нас, со раст од 11 процентни поени на населението постаро од 15 години со пристап до финансиска сметка до 85% во периодот од 2014 до 2021 година, според последните податоци на базата на податоци на Светската банка, „Финдекс“. Сепак, постои простор за понатамошно подобрување имајќи предвид дека во еврозоната учеството на возрасните кои користат платежна сметка е речиси 100 отсто.
Освен тоа, на средбата стана збор и за политиките за намалување на родовите јазови, заради намалување на структурните нееднаквости и со тоа забрзување на економскиот раст, како и на улогата на централните банки за зголемување на општествената и економската свест за родовата еднаквост.
„Родовата вклученост е прашање за сите. Ако се бориме за поголема застапеност на жените во бизнисот, финансиските услуги и во носењето политики, тоа е затоа што општеството како целина има корист од посилни жени. Пред пет години, оваа дискусија би била посветена на регулаторните препреки, но денес ја препознаваме важноста на решавањето на правните и општествените препреки, за да постигнеме вистинска родова вклученост“, истакна Ханиг.
За време на Десеттата меѓународна конференција, директорот Ханиг претседаваше со третата панел-дискусија, на која се зборуваше за финансиите поврзани со родовата вклученост во регионот на Југоисточна Европа.