сабота, 27 јули 2024
Предавање на гувернерката на штипскиот универзитет

Ангеловска Бежоска: Економијата во 2023 ќе порасне за 2,1 отсто, инфлацијата ќе биде едноцифрена

Објавено на

часот

Сподели

Според најновиот циклус макроекономски проекции на Народната банка, годинава се очекува стеснување на дефицитот на тековната сметка, како резултат на подобрувањето на надворешното окружување преку намалување на притисоците од трговската размена, а пред се кај енергентите. Финансиските приливи и понатаму би биле солидни и би го покривале дефицитот на тековната сметка, но истовремено ќе бидат доволни и за зголемување на девизните резерви. Сепак, неизвесноста опстојува и потребно е внимателно следење,  посочи Ангеловска- Бежоска на предавањето.

Забележа дека движењата во надворешниот сектор се исклучително значајни за Народната банка со оглед на монетарната стратегија на одржување стабилен девизен курс на денарот. 

„Дефицитот на тековната сметка лани значително се прошири, главно како резултат на енергетската криза, односно увозот на енергенти по исклучително високи цени. Дел од овие притисоци беа ублажени преку високиот раст на дознаките од странство. Дознаките коишто беа значително погодени во периодот на пандемијата, во изминатиот период растеа со високи стапки на раст од 30 до 40 отсто, со што во 2022 година достигнаа 2,4 милијарди евра, што е историски највисоко ниво. На среден рок се очекува дека тие и натаму ќе растат, но значително поумерено со од годишен раст од 3 до 4 отсто“, рече гувернерката. 

Очекувањата за намалување на притисоците кај енергентите, а со тоа и врз трговскиот дефицит, додаде, ќе придонесат за стеснување на дефицитот на тековната сметка во 2023 година за 2,4 процентни поени од БДП на годишна основа, односно тој ќе изнесува 3,6 отсто од БДП. Се очекува ваков тренд и на среден рок во услови на натамошна постепена стабилизација на цените на примарните производи и натамошно закрепнување на странската извозна побарувачка.

„Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и би придонесле за натамошен раст на девизните резерви, коишто за целиот период ќе останат на соодветно ниво. Странските директни инвестиции минатата година достигнаа 5,7 проценти од БДП, што е една од повисоките стапки досега. Очекувањата за следниот период се дека тие и натаму ќе растат и во просек би изнесувале 3,7 отсто од БДП на среден рок“, потенцира Ангеловска-Бежоска.

Во презентацијата пред студентите гувернерката се осврна и на очекувањата за економскиот раст годинава, како и за инфлацијата. Говорејќи за економскиот раст, гувернерката истакна дека растот на македонската економија во 2023 година би изнесувал 2,1 процент (еднаков на остварениот претходната година), а инфлацијата би се свела на едноцифрено ниво од 8 до 9 отсто и потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3 проценти, како што беше и октомвриската проекција.

 

Геополитичките превирања и нивните можни ефекти врз синџирите на снабдување и светските цени, евентуалното поостро затегнување на глобалните финансиски услови, како и случувањата во финансиските системи во одделни економии, како што кажа, и натаму се ризиците за надолни проекции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ