понеделник, 3 март 2025

Ангелова: Дигитална трансформација и квалитет на УКИМ ни се клучни приоритети

Универзитетот Св. Кирил и Методиј овој месец почнува со целосна дигитална трансформација. Најпрво ќе ги дигитализира сите студентски сервиси и планот е до почетокот на учебната 2025/2026 основните сервиси да бидат целосно завршени, а процесот ќе биде заокружен со воведувањето електронски индекс, изјави денеска ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова. Таа кажа дека тоа е процес што ќе трае година до година и половина.

Објавено на

часот

Сподели

Како што рече, втор приоритет на кој работат е квалитетот на Универзитетот – квалитетот на наставата и на истражувањата.

„Двата процеси се клучни. Целиот фокус во наредниот период ќе биде на тие две работи. Очекуваме дека од дигитализацијата и од подобрувањето на управувањето со квалитетот ќе имаме и подобрување на рангот на самиот универзитет“, изјави Ангелова пред отворањето на научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“ која денеска ја организираше Сојузот на синдикати на УКИМ по повод пет години од неговото основање.

Во однос на огромниот број студиски програми на факултетите на УКИМ, ректорката посочи дека нивното кратење е поврзано со процесот на акредитација и ќе зависи од одредбите во новиот закон за високо образование. Очекува дека со него ќе се врати модуларноста на студиските програми што, рече, „само по себе подразбира дека ќе имаме помал број на студиски програми“.

„Она што е сега расплинето во посебни студиски програми ќе биде компримирано во модулите во рамките на студиските програми. Тоа е, исто така, процес кој не зависи само од Универзитетот, туку и од самиот закон односно што точно ќе биде предвидено во новиот закон. Ние сега се уште работиме по старото законско решение од 2018 година. Токму и тоа предвидува расчленување на студиските програми на поголем број, зависно од тоа дали се тригодишни, четиригодишни, едногодишни, двегодишни – на втор циклус итн.  Очекуваме дека со новиот закон ќе можеме да ги компримираме и со самото тоа да се стегне и да се намали бројот на студиските програми и да бидеме поефикасни. И секако, акредитираните студиски програми, тоа е  прашање на акредитација, потребно е да заврши тој период и потоа да се утврди ефикасноста на постојните студиски програми“, рече ректорката на Скопскиот универзитет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ