понеделник, 21 октомври 2024

Ангелов уверува дека честите дождови нема да ни донесат поплави

Објавено на

часот

Сподели

На координативната средба во ЦУК, на која имало претставници на УХМР, Водостопанство, Противпожарната бригада на град Скопје, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, МЗШВ и на МЖСПП, како што кажа, ја разгледале состојбата со водостоите, како и временски прогнози за земјава и заклучиле дека хидролошката состојба во овој момент е стабилна, сите водотеци се стабилни и оти има благо излевање на реката Вардар кај Чегране и Форино, каде постојано има излевање кога има врнежи.

„Состојбата  будно се следи од страна на соодветните институции. Можноста за впивање на водата од наредните дождови веќе е намалена и затоа со зголемено внимание треба да ги следиме состојбите со дождовите“, рече Ангелов на денешната прес-конференција.

Нагласи дека УХМР прогнозира дека во следниот период врнежите ќе бидат позастапени во западните делови од земјава, но прогнозата, како што кажа, не може да биде многу прецизна, бидејќи се работи за мала територија. Посочи дека опасност за зголемување на водостоите на реките и езерата е и топењето на снеговите.

„Доколку нивото на Вардар кај Јегуновце дојде до 200 сантиметри ќе упатиме барање до АД ЕСМ да го намалат или стопираат производството на електрична енергија на ХЕЦ Вруток со што ќе се намали или целосно ќе се прекине дотокот на вода во Вардар од хидроцентралата и ќе може делумно да се контролира водостојот на реката“, потенцира Ангелов.

Тој прецизира дека од Водостопанство информирале дека се исчистени сите примарни канали и оти можат да ја примат водата која би надошла од врнежите. Исчистени се и сите одводни канали кои служат за исцедување на земјиштето. Во добра кондиција се и секундарните канали. Проблем се терцијалните канали, односно малите канали кои поминуваат пред куќните дворови од кои еден голем дел се запоставени. 

„Апелираме до општинските власти да ги исчистат овие канали во согласност со нивните можности, а граѓаните да не фрлаат отпадоци во нив“, рече Ангелов и ја повика локалната власт да биде внимателна со канализациите и одводни канали во урбаните средини. Ги повика и граѓаните да бидат претпазливи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ