„На 4 јануари оваа година на електронската пошта на ЦУК пристигна меил од господинот Бранко Индов, во кој побара медицински транспорт со хеликоптер од Скопје до Виена во Австрија, за неговиот син Леонид Индов кој е болен од параплегија, не може да ги движи рацете и нозете, диши со помош на подвижен респиратор и е поврзан со катетер“, рече Ангелов.
Тој појасни дека откако го разгледале барањето, стапил во контакт со таткото Бранко, кој го дообјаснил своето барање, повторувајќи дека е пожелно транспортот да се изврши во периодот од февруари до март оваа година.
Воедно, таткото укажал дека е подготвен транспортот да го плати приватно, нешто што пишувало во прилог на неговото барање.
„Врз основа на барањето на таткото Бранко Индов, ЦУК до МВР поднесе барање за медицински транспорт со хеликоптер на болно лице. МВР одговори позитивно на нашето барање и продолжи со директна комуникација со родителот, започнувајќи ја процедурата за конкретниот медицински лет. Притоа, повратно бевме информирани, а тоа можевме да го слушнеме и од тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски како и од директорот на болницата 8 Септември, доктор Костов, дека летот за пациентот ќе биде бесплатен, односно на трошок на МВР“, рече Ангелов.
Тој потенцираше дека до ЦУК нема други повратни информации.
„Како директор на ЦУК немам дилеми дека требаше да се изврши овој медицински транспорт, воедно и во иднина стоиме на располагање на македонските граѓани на кои им е неопходен медицински транспорт“, појасни Ангелов.
Инаку, Леонид на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со кој ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да диши. Тој беше првиот пациент транспортиран со полициски хеликоптер до Виена.
Но, од Фондот за здравствено осигурување го одбија барањето образложувајќи дека не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.
Младиот Леонид Индов се повреди минатото лето по што беше врзан за болничка постела неможејќи да се движи, а дише со помош на респиратор. Тој е првиот пациент што беше превезев на лекување во странство со помош на новиот медикоптер на МВР.