Според податоците на ЦУК сѐ уште е критично во Македонски Брод каде горат два краци, едниот кон Националниот парк Јасен и другиот кон селото Белица, иако, како што информираше Ангелов пожарот кон Јасен е ставен под контрола.
„Пожарот кај Општина Пехчево вчера беше ставен под целосна контрола, но за жал утрово повторно се разгори. Пожарот е заокружен од три страни и нема можност да избега од тие страни. Од четвртата страна има помала река која би го спречила неговото движење и затоа сметам дека имаме добра контрола врз овој пожар иако со вакви пожари никогаш не можеме да бидеме начисто“, вели Ангелов.
Голем и сѐ уште активн е и пожарот помеѓу Кочани и Македонска Каменица во атарите на селата Пресека и Цера кој е тежок за гасење. На терен се 19 пожарникари. Се дејствува и од воздух со големиот хеликоптер на МВР, Ми-171 и со еден словенечки хеликоптер.
Националниот парк (НП) Галичица гори од двете страни. Од преспанската страна гори кај селата Лескоец (ресенско) и Стење. Од охридска страна дејствуваат вработени од НП Галичица и од доброволната планинска спасителна служба од Охрид. Гаснењето на овој пожар дополнително е отежнато поради детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од поранешни војни.
Еден од пожарите во Општина Кичево кај селото Патеец е стопиран и не е закана за селото како и за селото Козичино, но, кко што соопшти Ангелов, истиот се шири накај селото Горно Крушје кое припаѓа на општина Македонски Брод. Овој пожар го гасат два германски ер трактори, а од земја вработени во Национални шуми и локалните пожарникари.
„Поради недоволна грижа по гаснењето на пожарот повторно гори пожарот кај кичевското село Зајас и се движи накај Горно Страгомиште“, изјави Ангелов.
Поради недоволна грижа по гаснењето на пожарот повторно гори и Националниот парк Маврово, а вториот пожар на територијата на општина Маврово-Ростуште е оној кај селото Врбен.
„Синоќа побарав помош од Бехтел и Енка кои со булдожер рано утрово пред изгрејсонце почнаа да ја гребат почвата и да прават противпожарен појас. Ги повикувам и другите компании кои можат да ни поммогнат за да може полесно да се справиме со пожарите. Иако беше ставен под контрола овој пожар повторно се разгоре на еден крак“, вели Ангелов.
Активни се и уште два други пожари во Општина Новаци кај селото Полог и во Општина Пласница, пожар кој се движи накај Македонски Брод.
Според податоците на ЦУК, под контрола се пожарите помеѓу Демир Хисар и Охрид, како и оние во општините Чашка, Делчево, Липково и Кочани каде горат депонии.
„Иако се работи за депонии имаме негативно искуство затоа што нивното гасење е исклучително комплицирано. Иако апелиравме да се санира состојбата сепак тоа бара подолготрајни мерки и верувам дека и покрај сите наши напори состојбата нема да биде брзо средена. Пожарите што навидум изгледаат беззначајни за миг можат да се претворат во големи и страшни шумски пожари. Сите што се вклучени во гасењето на пожарите се веќе при крај на своите сили и затоа повторно апелирам граѓаните да бидат особено внимателни, а ако забележат пожар веднаш да пријават. Борбата против оние кои потпалуваат пожари мора да биде жестока и жестоко да возвратиме бидејќи превенцијата е најдобар начин да се заштитиме од пожарите. Тогаш кога ќе бидат казнети тогаш ќе бидат повнимателни затоа што нема никакво оправдување за ваквото несериозно и невнимателно однесување. Ќе барам измени на законите за казнување на ваквите поведенија кои загрозуваат човечки животи, предизвикуваат еколошка, но и материјална штета“, вели Ангелов.
Претходно денеска, Ангелов ги испрати пилотите, заедно со останатиот воздухопловен персонал на двата противпожарни авиони ер трактор од Кипар.
Како што наведуваат во соопштението од ЦУК, според техничките можности на воздухопловите и персоналот, двата ер трактор авиони го дале својот максимум во справувањето со пожарите во земјава.
Ангелов искажал голема благодарност за помошта и до нив лично и до нивната држава.
Денеска утрово седница одржа и Главниот штаб за управување со кризи.
Како што информира ЦУК, биле разгледани состојбите за сите поопасни пожари и се координирале активностите според глобалниот план, усогласен и според ноќните и според утринските информации од терен, а и според достапните ресурси и луѓе за гаснење на пожарите.