Линијата ја одржува со вежбање и здрава исхрана, а не практикува посебна диета. Иако е прилично зафатена во улогата на фотомодел и манекенка, во што и ужива, учи во средното медицинско училиште, со план да го продолжи факултетското образование и еднаш да стане врвен психолог. Ангела смета дека убавината помага во отворањето на вратите, но дека таа не е пресудна.
„Сепак за убаво работно место треба многу повеќе од убавина. На пример, многу е важно да имаш познавање и знаење за работата што ќе ја извршуваш“, ни рече таа.
Се разбира, по неа се вртат претставниците на машкиот пол, но Ангела вистинскиот маж го препознава по очите и насмевката. Од досегашното нејзино искуство на модел, смета дека кај нас модната сцена не е на некое високо ниво и дека тука манекенството може да биде само хоби.
Ангела сака да чита и зад себе има куп прочитани книги. Најомилена ѝ е „Загубената ќерка“ од Даен Чемберлен, но ги следи и филмските трендови.
„Понекогаш ми се случува во денот да изгледам дури и по неколку филма, затоа не можам да одвојам некој што би го гледала повеќе пати.“
И Ангела има неисполнет сон. Не многу комплициран. Сонот ѝ е да се појави на насловна страница како победничка на некој светски избор за убавина.
„Тоа уште од малечка го посакувам. Имам и други неисполнети сништа и желби, но јас верувам во себе и знам дека еден ден сите ќе станат реалност.“
И ние ти го посакуваме истото, Ангела!