Бројни фанови и поддржувачи на Тоше од земјава и странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен домот „Тодор Проески“ каде се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него. Неговите фанови велат дека Тоше има само ден на раѓање.
Од 9 до 16 часот во Спомен домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, бројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.
Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше, ќе го посети и Спомен домот на Тоше.
Напладне во Спомен домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.